Чеченскиот лидер и верен поддржувач и извршител на рускиот претседател Владимир Путин, Рамзан Кадиров, повторно преку Телеграм и се закани на Полска, наведувајќи дека има грандиозни планови за демилитаризација на земјите од НАТО, а прва на ред по заземањето на Киев е Полска.
Плановите се грандиозни. Веќе развиваме план за демилитаризација на земјите од НАТО, а прва на ред по заземањето на Киев е Полска, напиша Кадиров на Телеграм.
Тој исто така напиша дека за таа цел детално разработиле тактика со помошникот на шефот на Чеченската Република Апта Алаудинов со неговите единици составени од доброволци и вториот корпус на Народната милиција на ЛПР.
Ова не е прв пат чеченскиот лидер да и се закануваше на Полска.
Тој на 25 мај преку видео им се закани на пољаците дека по Украина, ако му се даде команда, за шест секунди ќе им покаже за што се способни.
Тој тогаш им порачува на Пољаците да си го вратат оружјето. Полска е една од земјите во Европа која и достави на Украина голем број оружје за да се одбрани од руската инвазија.
Ова дојде по инцидентот што се случи на почетокот на мај кога рускиот амбасадор во Полска, Сергеј Андреев беше нападнат со црвена боја на Денот на победата.
Д.Мишев