„Јас никогаш на прес-конференцијата на 26 мај не сум прогласил победа врз КОВИД-19. Победа се прогласува кога ќе заврши целава работа можеби догодина или кога ќе имаме вакцина. Тоа е победата. Јас само прогласив дека имаме намален број, 5,1% позитивни од вкупниот број на тестирани, дека имаме број на слободни места во болниците. Ја имаме целата болница во Тетово, клиничка болница во Штип и Битола кои можат да се претворат во резервни капацитети за сместување. Ако ви текнува зборував за 1000 кревети кои можат да бидат ставени во резерва“, одговори на новинарско прашање претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.
Караџовски истакна дека со ниеден говор тој не охрабрил кое било население, религиска група или кој било човек дека победата е готова и дека нема КОВИД-19 во Македонија.
„Често велам и сега по 101 пат дека вирусот е непредвидлив, го имаме со локална трансмисија во државата и се шири во оние региони и семејства и групации без разлика на вера, пол и возраст или што било друго каде имаме близок респираторен контакт. Вирусот насекаде во светот не прашува за цена и развој. Никогаш не сум рекол нешто што сакате да ми импутирате. Во ниеден момент никој не може да ми импутира, дека сум кажал дека вирусот е готов. Вирусот го има во Македонија, во оние семејства, улици и делови на градот кои не оддржуваат дистанца. Во оние населени места каде во дел не се почитуваат оние мерки, сведоци сме на она што ни се случуваше во оние населени места, колкави групации има и никој не носи маски. Не Комисија, Господ да ви дојде овдека нема да ви помогне, ако не ги почитувате мерките“, додаде Караџовски.
А. Петровска