Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција, заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, истакна дека најавената помош од НАТО, 60 респиратори и лична заштитна опрема ќе пристигнат в петок и соодветно ќе бидат поделени и распределени низ јавно здравствените установи, согласно потребите и експертизата и бројот на пациенти кои се лекуваат.
Измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се најдат на 19. собраниска седница закажана за утре.
„Законот за заштита на население од заразни болести се надевам дека брзо ќе го изгласаат, затоа што тој пакет на мерки, кои се таму предложени, заедно со овој кој е сега на сила, практично се мерки кои се користат и се имплементираат во други европски земји, и веруваме дека може да го редуцираат преносот на вирусот, во овој момент сметаме дека дополнителен пакет или некоја друга форма на мерки не треба да се имплементираат ниту препорачуваат, само сите да се придружуваат до досегашните мерки“, истакна Филипче.
Министерот изјави дека огромен процент од пациентите со Ковид-19 се со коморбидитети, односно со тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време и посочи и дека сериозен процент на пациентите доаѓаат доцна во болницата со веќе многу тешка манифестација на болеста.
„Се заврши анализата, дел од податоците беа соопштени и од Инфективната клиника, огромен процент од пациентите се со коморбидитети, значи тешка форма на некоја друга хронична болест од која биле лекувани навистина долго време. Понатаму еден сериозен процент на пациенти кои навистина доцна доаѓаат во болница со веќе многу тешка манифестација на болеста, и тоа е тренд што не прати од почетокот“, изјави министерот.
„Најголем број од пациентите се со лесна клиничка слика. Чувствуваат слабост, малаксаност, затнат нос, температура. Со терапија, остануваат дома и ја примаат. Од 2 до 4 отсто завршуваат на клиника, а од смртните случаи, најчесто се работи за пациенти со коморбидитет. Здравствениот систем има можност да ги растегне клиничките капацитети и да станат многу одделенија ковид одделенија. Но, најважно е да се почитува апелот за почитување на мерките, зашто немаме резервни здравствени работници. Немаме други со кои ќе направиме замена. Немаме ниту доволно епидемиолози и инфектолози. До последните капки пот од нас ќе работиме. Нема да го оставиме на цедило населението. Додека јас сум овде на прес-конференцијава, некој работи. И да не се прават најголеми доктори тие што никогаш не излегле од канцеларија“, изјави Караџовски.
Караџовски истакна дека нема да дозволи никој да ја оцрнува Комисијата за заразни болести и нејзините членови, а во однос на нападите од опозицијата, истакна дека тој и неговото семејство не биле мафијаши, ниту дека се продаваат за ситни пари.
„Сега нè обвинуваат дека сме земале грдни пари дури дека за ситни пари се продаваме и дека сме мафијаши. Јас и мојата фамилија не се продаваме за ситни пари кои некој ни ги поттурнува. Ако некој треба да поднесе оставка треба да ни аргументира зошто. Ако сакаат нека донесат нови луѓе во комисијата лично ќе ги примам заутре во 8.00 часот. Нека повелат сите кои немаат доверба во Комисијата нека дадат свое стручно мислење. Не дозволувам никој да си игра со нашите фамилии, со увредите уперени кон мене и кон Комисијата, не давам влакно да ѝ фали. Таму има професионалци со 30 годишно искуство и не дозволуваме никој да не прави мафијаши и корумпирани. Велат сум имал баснословни пари, но ќе ви кажам дека имам кола стара 18години, еве ја тука паркирана и имам двособен стан , а не хациенда како што се пишуваше. Нека каже некој стручен, полиција, истражен орган дали имам земено екстра пари, што ми има потпишано комисијата, а јас да сум ги примил. Нека дојде меѓународна комисија тоа да го провери“, изјави Караџовски.