Акиф Кариман, од здужението Романо Авази од Тетово, на панел – дискусијата „Кој ги тркала Ромите“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, истакна дека она што го загрижува е пописот во 2020 и изјавата на директорот на Државен завод за статистика дека нема потреба од етничка графа и дека е доволна само она за јазикот што го зборуваат заедниците.
„Ако се има предвид дека само во Тетово, Скопје и Куманово се мнозинството од Ромите го зборуваат ромскиот јазик ние ќе излеземе 20.000 Роми, со што би се намалила бројка на Роми во земјата за повеќе од 50 проценти… Се надевам дека не сум во право, но следејќи ја прес-конференцијата на премиерот во врска со името, јас искрено гледам опасност кога ќе се отвори Уставот и ревизијата на тие членови што треба да се менуваат според договорот, да не се искористи тој хаос и набрзина да се тргнат сите други етнички заедници и да се стави формулацијата заедници под и над 20% со што и по Устав и потанатаму со законите би се намалиле правата на заедниците“, истакна Кариман.
Тој, исто така, се осврна и на предизборните ветувања во однос на решавање на ромските прашања. Според него, нема Роми на политички позиции што реално можат да придонесат за промени на статусот на ромската заедница, што можеби се должи и на фактот дека политичките партии сметаат, во време на избори, ќе можат лесно да ги купат гласовите на Ромите.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски