„Во Кавадарци секогаш постоеше слобода на изразување, секој втор збор ни е пцовка“, низ смеа ни кажа еден кавадарчанец кој се претстави како хип-хоп изведувач, којшто дојде на информативниот штанд на градскиот плоштад додека тимот на ЦИВИЛ го промовираше проектот Слободни медиуми за слободно општество, и остваруваше средби со граѓанките и граѓаните, медиумите и граѓанското општество.
На информативниот штанд, граѓанките и граѓаните имаа можност не само да се запознаат со медиумската платформа на ЦИВИЛ и истражувачки активности за состојбата на човековите права и слободи, слободата на изразувањето и медиумските слободи, туку и да споделат свои мислења и ставови како да се подобри состојбата во медиумите, но и да споделат свои животни искуства и проблеми, да посведочат за локални неправди, вклучувајќи го и влијанието на политичките процеси на локално и национално ниво.
Во директна комуникација со граѓанките и граѓаните, се спроведе и анкета на тема слобода на медиуми и состојбата на локалните медиуми во општина Кавадарци.
„Убаво е ова што го правите, што делите њуслетери за да можеме и ние што не користиме интернет да прочитаме нешто различно и добро“, вели една граѓанка.
„Сега во овој момент некако сите се пазат што зборуваат. Слобода има, ама се плашат од последиците што може да ги снајде ако кажат нешто против едните или другите. Политиката премногу замеша прсти“, вели еден граѓанин.
ЦИВИЛ-Центар за слобода со овој проект дава придонес кон ослободувањето и деконтаминацијата на медиумскиот простор и кон охрабрување на граѓанките и граѓаните да градат слободно општество, преку учество во политичките процеси и носењето одлуки на локално и национално ниво.
Д.Муратов