Владата на денешната седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.
Установата, како што посочи прес-службата на Владата, се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.
Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на 21. век.
Оваа установа, додаваат, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.