

Главен софтверски архитект, Инфопроект
Стануваме ментални инвалиди, од нова, досега непрепознаена пандемија – Вештачка интелигенција. Вирус полош од Ебола, Марбург и Ковид заедно. Само 5 – 10% од содржините на LinkedIn не се генерирани од ВИ. Дури и личните постови од типот „Ново работно место“.
Ова линкединов само ме тригерира. Кој колку „напреднал“, го „промовирале“, „ново работно место“… Сѐ за некои туѓи цели, туѓи профити во безлични, големи фирми. За тоа време, со помош на вештачката интелигенција, недостижниот борд на директори студено опсервира и калкулира кој колку и каков живот ќе има во компанијата и надвор од неа.
Голема фирма може да биде искуство. Може да биде школа. Може да биде фаза. Но, ако ти стане животна стратегија, тогаш проблемот не е фирмата. Проблемот е што си ја заменил слободата со удобност, конформизам, потчинување – и си почнал тоа да го нарекуваш успех.
Работата во голема фирма многу често се продава како „сигурност“. Реално, тоа е само елегантно спакувана зависност. Сигурен си, додека си корисен. Додека бројките те оправдуваат. Додека некој горе не реши дека твојот сектор, твојата позиција или твојата плата повеќе не се вклопуваат во Excel табелата.
Корпорацијата те припитомува полека. Прво те учи како да се вклопиш. Потоа, како да не прашуваш премногу. Потоа, како да ја мериш сопствената вредност преку титула, бонус, performance review и туѓо „браво“.
Амбицијата не исчезнува – само се кастрира. Наместо да мислиш што можеш да создадеш сам, почнуваш да мислиш како да добиеш подобра позиција во кафезот, поблиску до дупката со храна. Поголема плата, подобра титула, поголем лаптоп, повеќе состаноци. Истата зависност, само со подобар пакет.
Твојот труд станува нечиј профит. Твојата идеја станува „иницијатива на компанијата“. Твојата лојалност станува ставка во туѓ годишен извештај. А тебе ти останува чувството дека си дел од нешто големо, додека всушност си само заменлив дел од систем што никогаш нема да ти припаѓа.











































