Комитите на СДСМ кинисаа за Крушево во чест, слава и почит на македонските востаници и нивното јунаштво при одбрана на Крушевската Република, односно да одбележат 120-годишнина од Илинденското востание. Меѓутоа, во Крушево продефилира само вмровската коњаница, сдсмовските комити се изгубија на патот.
„Тргнавме за Крушево, убаво облечени, стокмени, скоцкани, испарфемизирани, како што ни доликува на нас социјалдемократите, ама, не знам на кој му текна да им парираме на вмровците и да се качиме на коњи на патот до Крушево. Фалеше уште елечињата „рамо до рамо“ да ги облечеме на македонското жешко сонце и да е сè таман. Нејсе, со камиони ни ги донесоа коњите негде пред Крушево, се качивме на нив, се испосликавме, објавивме на Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Тик Ток, Телеграм и со тоа мислевме дека си ја завршивме работата. Меѓутоа, откако заврши фотосесијата ги оставивме коњите на поило и ние да одмориме малку, да се напиеме вода и некоја голтка ракија, и одеднаш патриотското чувство се разбуди во нас, се качивме на коњите и тргнавме на поход без многу врева. Тивка офанзива…“, вели еден комита од подмладокот на СДСМ, за ОЗБИЛНО.
Тој не сакаше да открие повеќе детали за „офанзивата“, односно на која планина се стационирани со коњите, за како што вели: „Левица со магарињата да не им го минираат патот“!
Тодорка Комитка
Оградување, одбрана и заштита: Ова е козерија. Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.