ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Кој манипулира со комуникациските манипулации? Има, има и такво нешто, за жал.
Но, тогаш, дали манипулирањето со манипулации значи дека вториве манипулации веќе нема да се манипулации? Ајде да видиме.
Имавме изложување на бројки (избори), ги видовме избрзаните генерализации на ВМРО-ДПМНЕ во број на пратеници, па во стотици илјади како за парламентарни избори, кои официјално се сметаат за дезинформации.
„Избрзана генерализација” е востановениот термин. Но, сеедно, новинарите пренесоа информации и за дезинформациите без да ги карактеризираат како такви, дека се дезинформации.
Но, еден повозрасен новинар, учесник во изработка и презентација на анкети (за многу минати избори), го согледал тоа и го изложил. И убаво ќе беше да завршел со поука, и за колегите новинари, и за политичарите кои го прават тоа: Дечки, дезинформации, јок.
Ама, не. Сета претходна вредност на согледувањето ја зашлакува со невистина: „…околу целта Македонија да стане членка на ЕУ, има политички консензус”, при што СДСМ само ги прикажувал опонентите дека се противници на таа идеја, односно правел „монопол“ над идејата!
Идеја?! Па во Собранието имаше многу конкретен Предлог на ЕУ! Што правеа ВМРО-ДПМНЕ и Левица и какви зборови употребија за високата претставничка на ЕУ (во нејзино присуство!)? Не употребија ли изрази со физиолошки потреби за Предлогот на ЕУ, па не го прочита ли толкавото „НЕ” на маиците?! За што беше тоа НЕ?
Не знам што ги учат новинарите на студии, но ако имаш екстремна (во смисла на вознемирувачка) вистина, па не ја мачкај после со екстремна (вознемирувачка) невистина, за да добиеш баланс, компромис, во замена за објективност! Дозволено е објективната вистина да е вознемирувачка! Балансот не е објективност! Не се наоѓа вистината меѓу два екстрема! Особено, ако едниот се измислува.
Лажниот баланс, лажниот компромис е недоследноста со официјално име argumentum ad temperantiam кое води до расипано новинарство и спаѓа во дезинформација, лажна вест. Иако некои го прават тој лажен баланс од заблуда, овој случај не е таков. Поентата е секогаш во последниот ред: Реално било да се очекува дека ќе продолжи политичкото статус-кво. Или посакувано, можеби? Заради следново, одговорот е многу веројатно „да”.
Изложени се две манипулации, една вистинска и една лажна. Ги изедначува. Самиот чин на изедначување е манипулација. Вистинскиот манипулатор е пола исчистен од гревот, бидејќи таа половина од калта е фрлена кај лажно обвинетиот дека манипулирал. Значи манипулација на манипулацијата ја чисти оригиналната.
На оној на кој ја лепи туѓата кал, не му останува ни принципот onus probandi, принципот дека товарот на докажување е кај тој што тврди. Како и кај други случаи со argumentum ad ignorantiam, товарот е поместен кај оној кој треба да се брани од тврдењето.
Објективно, не е прифатливо со формални и неформални недоследности да се пишува и објавува статија и колумна. Дали колумната е коментар, мислење? Коментар е „недовршен” поим – што коментираш? А мислење е поим на кој мораш да му дадеш и глава (врз основа на што?) и предмет (на која тема?), така што со максимата на основачот на Гардијан (коментарите се слободни, а фактите се неприкосновени) мора да се биде внимателен, да знае и читателот од текстот што се фактите, а што е коментарот.