Комуникацијата создава блискост, блискоста сочувство, а сочувството раѓа разбирање и го гасне конфликтот, пишува Душан Стојчев на својот Фејсбук профил.
„Кога се караат Македонци и Албанци, јас создавам пријатели Албанци.
Кога се караат Македонци и Грци, создавам пријатели Грци.Кога се караат Македонци и Бугари, создавам пријатели Бугари.Зошто? Логиката е едноставна.Затоа што комуникацијата создава блискост, а блискоста сочувство, а сочувството раѓа разбирање и го гасне конфликтот. Така, преку заемно слушање и разбирање, се доаѓа до рамноправност, меѓусебна почит и полесно решавање на сите недоразбирања. И многу поскоро настапува мир.Во суштина, дехуманизацијата ја претвораш во хуманизација.Постои и обратен пристап: да се дораскине комуникацијата, да се распалува непријателство и непочитувањето, и да се разгорува конфликтот. Меѓутоа, во конфликт меѓу нерамноправни, кај што ние секогаш сме послабата страна, губитникот секогаш ќе бидеме ние.Од тука следува дека тие што ја задушуваат комуникацијата, и го разгоруваат конфликтот, и бараат непријатели наместо пријатели, се всушност вистинските непријатели на Македонија, бидејќи ги влошуваат македонските позиции и работат во корист на директен судир со многу посилни од нас. Што пак е исход кој побрзо и поцелосно доведува до наш пораз или уништување. Таквата мегаломанска кратковидост за жал ни е типична, но во практична смисла е самоуништувачка. А таква е затоа што во суштина, создава повеќе дехуманизација наместо хуманизација. Секоја земја во нашата позиција, кога би се однесувала така, би довела до својот крај.
Така што, секој нека си размисли, и нека си го практикува пристапот за кој мисли дека ни е од најголема корист.“