од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Се мачи деновиве скопскиот градоначалник Петре Шилегов на овие со уличниве кучиња да им ја објаснува програма за ублажување на проблемот. Пред некој ден, човекот се мачеше да се правда нешто за медицинскиот отпад, за печки, за Дрисла. Пред тоа, мака мачеше за некакви комунални проблеми за воздухот, па за ова, па за она. Сѐ сам човекот. И за кучињата и за отпадот и за воздухот. Се утепува од правдање како да е тој и директор и инспектор и комуналџија. Ќе го растргне јавноста. Ни крив ни должен, јаде ќотек ама од ТВ екраните не се симнува.
Така и оној докторот министер за здравство Венко Филипче. Уште лани, за вакцините за грип. Те доцнеле, те не доцнеле. Па гратис за едни, плаќање за други. Па со термини за едни, па без термини за други. Сѐ сам човекот. Се утепува од правдање како да е тој и директор и инспектор и тендерџија и увозник. Ќе го растргнат со реакции. И тој, ни крив ни должен, од јавноста јаде ќотек ама од ТВ екраните не се симнува.
И ова сега, најсвежо и најзабавно, со пржинскиот министер на полицијата Наќе Чулев. Ќе го растргнат од реакции. Шалтерите спуштени, нема обрасци, нема пасоши. Се мачи во објаснувања, пелтечи нешто те до март, те до април, те претходникот бил виновен, те германската фирма нешто зезнала, па комисија ќе решавала, па лекар ангажирале. Сѐ сам човекот и обвинува и појаснува и толкува. Ни крив ни должен јаде ќотек, ама и тој од ТВ екраните не се симнува.
Ова е само сегмент од примерите. Генерално, сите се речиси исти. Само да ги има по телевизиите. И за редовно стореното и за лошо стореното. Без чувство за професионалците во своите тимови кои под нивно раководство треба да си ја преземат работата и одговорноста пред јавноста. И да ги известат граѓаните за ефектите од нивното сработено. Како да нема администрација и одговорни во неа. Сѐ сами шефовите. Не им треба никој. Самите и копаат и ѕидаат и увезуваат и ленти сечат.
А на функционерите е само да го состават и да го менаџираат тимот. Да ги менуваат неспособните и да ги форсираат способните. Високата функција е најмалата гаранција дека дотичниот, уште и партиски насаден, се разбира во сѐ и дека самиот и може сѐ. Да се прифати висока државна или општинска функција подразбира да се умее да се менаџира својот тим од занатлии, од стручни и одговорни професионалци. Јавноста сака нив да ги види. Тие да објаснуваат и за кучињата и за отпадот и за вакцините и за пасошите.
Вака, како во спортот, во фудбалот, на пример, селекторот на теренот, играчите на клупата. Па после единаесет нула за противникот. Е, единаесет нула. Не може човекот сам на толкав терен. Така и нашите функционери. Не даваат никому од тимот ниту да пипне ниту да писне. Можат сѐ самите, сѐ знаат самите, за сѐ само тие самите. Па наместо професионални елаборации, слушаме функционерски импровизации.
А функцијата сама по себе не е ниту знаење ниту успешност. Таа е само обичен мазохистички вирус кој, еве, за пусти чалам и ќотек трпи.