Берлин, 28 мај 2026 година — Нов европски граѓански форум (НЕПФ) го одржа своето основачко собрание, со што формално беше заокружен процесот на повторно воспоставување и пререгистрација на организацијата, чие ново официјално седиште е во Берлин.
Основачкото собрание, одржано онлајн и претседавано од д-р Волфганг Ресман, ја потврди организациската, правната и управувачката рамка на НЕПФ во нејзината обновена структура. Собранието го усвои Статутот (Satzung), го потврди регистрираното седиште на организацијата во Берлин и ја финализираше постапката за избор и верификација на раководните органи.
На Собранието беше избрано следното раководство:
- д-р Волфганг Ресман – претседател
- Лина Кушч – заменик-претседателка
- Џабир Дерала – генерален секретар
- д-р Егле Челешиене – координаторка за протокол и институционална соработка
- Роџер Касале – секретар за финансии
Во рамки на состанокот беа разгледани и клучни административни и оперативни прашања, вклучително правното застапување, банкарските овластувања и понатамошните регистрациски процедури, со што се создаваат услови НЕПФ да влезе во новата фаза на развој со јасна, стабилна и функционална управувачка структура.
Основачкото собрание не претставуваше само административна пресвртница, туку и момент на заедничка рефлексија, обновена посветеност и визија за иднината на Европа.
Роџер Касале, еден од основачите на НЕПФ, во своето обраќање ја истакна програмската и стратешката ориентација на организацијата. Осврнувајќи се на основното мото на НЕПФ — „Ја обликуваме Европа од долу нагоре“ (Shaping Europe from Ground Up) — тој ја нагласи важноста на партиципативната демократија, граѓанскиот ангажман и заштитата на европските вредности во време кога демократските процеси се соочуваат со сè посериозни предизвици низ Европа и пошироко.
Новоизбраниот претседател, д-р Волфганг Ресман, ја претстави визијата за идното дејствување на организацијата, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на соработката меѓу граѓаните, граѓанските организации, демократските чинители и заедниците ширум Европа. Тој посочи дека обновената структура на НЕПФ во Берлин претставува цврста основа за натамошно развивање на организацијата како европска платформа за дијалог, учество и практично демократско дејствување, посветена на инклузивна, отпорна и граѓански ориентирана Европа.
Новоизбраната заменик-претседателка Лина Кушч од Украина се заблагодари за укажаната доверба и изрази признание за континуираната солидарност на НЕПФ со Украина. Таа истакна дека борбата на Украина за слобода, суверенитет и демократија е неразделен дел од поширокиот европски демократски проект, поздравувајќи ја посветеноста на организацијата кон граѓанското учество, европските вредности и прекуграничната солидарност.
Учесниците на Собранието разменија ставови и размислувања за улогата на НЕПФ во унапредувањето на заедничката европска визија заснована врз демократија, човекови права, граѓанско учество, солидарност и развој насочен кон граѓаните.
Со успешното завршување на процесот на повторно воспоставување, НЕПФ влегува во нова фаза од своето дејствување како европска граѓанска платформа со седиште во Берлин, посветена на поддршка на партиципативната демократија, демократските иновации, граѓанскиот ангажман и прекуграничната соработка.
Воден од принципите „Граѓани. Смисла. Прогрес.“ (People. Purpose. Progress) и „Ја обликуваме Европа од долу нагоре“, НЕПФ ќе продолжи да обединува поединци, организации и иницијативи посветени на изградба на подемократска, поинклузивна, поотпорна и граѓански ориентирана Европа.
Нов европски граѓански форум
Контакти за медиуми:
д-р Волфганг Ресман
nepf@ressmann.de
Џабир Дерала
deralla@civil.mk












