„Во текот на изборната кампања јас како кандидат за градоначалник бев изложен на жестоки напади со говор на омраза од вработени во општинската администрација кои беа лоцирани и им беа одземени лаптопите и мобилните телефони, но, бидејќи има мал број на вработени во таа служба во Министерството за внатрешни работи во централата во Скопје, сè уште не е направено вештачење на запленетите апарати, телефонски уреди и лаптоп, и тој службеник сè уште е вработен во општинската администрација“, вели Аце Коцевски, градоначалникот на Општина Велес, одговарајќи на прашањето на ЦИВИЛ – Дали некогаш Општината била подложна на сајбер напади или хибридни закани?
„Сум бил изложен во неколку наврати на жестоки напади, бидејќи имаше и закани по живот, го пријавувавме тоа во службите во МВР, правев консултации со Јавното обвинителство, но за среќа не се случиле некои конкретни закани по мојата лична безбедност освен што тоа заврши на вербален начин.
Но, имам чувство дека политичките партии во недостиг на идеи како вистински да се спротивстават на активностите и да парираат со алтернативни визии, проекти и идеи за да го привлечат вниманието на гласачите, тие се обидуваат со девалвирање на тоа што се работи, со недолични изрази, на омаловажување, со говор на омраза, навреди, закани и уцени тоа да го прават оркестрирано на социјалните мрежи.
Честопати нашите објави на социјалните мрежи на општинската вебстраница се изложени на таков инструментиран напад. Велес всушност е познат и по тие работи во светски рамки, не само на локално ниво и во ниво на државата, но се обидуваме да одолееме. Јас мислам дека граѓанките и граѓаните на Велес имаат висока политичка култура и можат да проценат што е вистина, а што не е вистина. Засега можам да кажам дека успеваме да се справиме со тие закани“, истакна Коцевски.
Дехран Муратов
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети