Реновирање на крило на истражниот оддел на Затворот Скопје, затворање на три проблематични крила во Идризово, исполнување на долгогодишните препораки од КПТ за професионално управување со затворскиот систем и правата на вработените – се меѓу подобрувањата констатирани од Комитетот за спречување на тортура при Советот на Европа (КПТ), во најновиот извештај објавен денеска во Стразбур. Но, извештајот констатира дека сè уште се присутни голем дел од долгогодишните проблеми во условите за престој, здравствената заштита, корупција кај дел од затворските служби итн. Од Министерството за правда најавуваат уште поголеми зафати за подобрување на затворскиот систем.
Извештајот на КПТ нагласува дека се исполнети долгогодишните препораки од КПТ за професионално управување со затворскиот систем – јасна хиерархија помеѓу администрацијата на затворот и директорите на затворите, јасен тек за управување и воспоставување одржлив систем за обука на персоналот и донесување јасни антикорупциски мерки, но за нив се вели дека се со „срамежлив“ развој. Ова особено се однесува на малото зголемување на персоналот во затворот Идризово, подобри плати, работни права за вработените во затворот и поредовни безбедносни проверки и контроли на затворските службеници што влегуваат во затворските установи.
Од друга страна, во извештајот од „ад хок“ посета на земјата од 7 до 9 декември 2020 година, КПТ нотира дел од истите проблеми кои години наназад се бележат во извештаите на ова тело на Советот на Европа: недоволен простор, нехигиенски услови за притвор во притворот во Шуто Оризари, односно нереновираните крила на затворот „Скопје“, како и во крилата со затворен режим на затворот „Идризово“.
ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт со Министерството за правда и побара став во врска со објавениот извештај на КПТ. Оттаму велат дека изминатиот период државата презема повеќе мерки за подобрување на престој на затворените и притворените лица.
„Состојбата, која што беше затекната, бараше итни интервенции. Веднаш беа затворени крилата 2, 5 и 8 поради немање услови за престој. Во истиот затвор, следува инвестиција од 32 милиони евра, најголема досега, при што според највисоки стандарди ќе се изградат одделенија до 500 нови кревети и дополнително 412 за притворското одделение. Во склоп на оваа инвестиција предвидена и целосно нова модерна затворска болница“, велат од Министерството.
Министерството за правда исто така информираше дека во меѓувреме се реновира и затворот во Битола, а има интервенции во речиси сите затвори во земјата. „Од пред неколку месеци Северна Македонија го има најсовремениот Воспитно-поправен дом за малолетници во Волковија. Престои уште многу работа за подобрување на условите и работата на затворите, но тоа ќе биде задача од која Министерството за правда нема да отстапи“, посочуваат од Министерството за правда.
Меѓу другото, Извештајот на КПТ упатува критики за застарениот пристап кон третманот на притворениците во затворот во Скопје (Шуто Оризари) што се провлекуваат години наназад. Се забележува дека притворениците се затворени во ќелиите 23 часа на ден, а на дел од нив им се одбиваат контактите со нивните деца. За затворот Идризово, пак, се упатуваат забелешки на непостоење на активности за осудени затвореници, како и за неквалитетна здравствена заштита за затворениците поради немање стратешки пристап од здравствените власти. Забелешки има и за недостаток на транспарентноста во управувањето со затворите, назначување на раководни лица врз основа на политичка припадност.
КПТ им препорачува на властите да воспостават јасна хиерархија помеѓу управата на затворот и директорите на затворите, повеќегодишна програма за почетни активности и обука на вработените и да ги засилат напорите за борба против корупцијата на персоналот и фаворизирање преку специфични мерки.
Освен ова, КПТ при посетите, повторно слушнал обвинувања од дел од притворениците за физичко малтретирање на осомничените за криминал од страна на полициски службеници и инспектори, кои наводно се нанесени при приведување, откако осомничениот бил ставен во состојба на послушност или внатре во полициска установа, заради извлекување признание.
КПТ ги повика властите енергично да ги истражат наводите за да се осигурат дека пораката за нула толеранција на лошо постапување со притворените лица ќе стигне до службените лица за спроведување на законот на сите нивоа. Воедно, се повикуваат властите да ги зајакнат истражните способности на специјализираниот тим на обвинители со регрутирање на група независни истражители, како и да ја зајакнат работата на примената на основните заштитни мерки, а полициските службеници посветат должно внимание и примена на законодавство и стандардното работење согласно процедурите.
Во извештајот на КПТ се посочуваат и резултатите од состаноците одржани за време на „ад хок посетата“ меѓу поранешниот претседател на КПТ, Микола Гнатовски, премиерот Заев и министерот за правда, Маричиќ, при што премиерот потсети на посветеноста на неговата Влада да осигури дека ќе бидат направени сите напори за спроведување на препораките на Комитетот. Според гледиштето на КПТ, дијалогот со властите на Северна Македонија, кој се заснова на меѓусебна доверба и разбирање, бара „конкретно дејствување“ за спроведување на многу долгогодишни препораки утврдени во извештајот.
ЦД