Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здраствените прописи за време на епидемија“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.М.(63) од Охрид. На 18.03.2020 година, при извршена контрола на лица со мерка „здравствен надзор и домашна изолација“, полициските службеници констатирале дека пријавениот не се наоѓа во неговиот дом и не се придржува кон мерките за 14-дневна самоизолација, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Пријавениот, на 17.03.2020 година, кога со авионски лет од Холандија пристигнал на Меѓународниот аеродром „Скопје“, своерачно, под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишал изјава дека доаѓа од земја која според Листата од СЗО е зафатена од коронавирус COVID – 19 и дека во времетраење од 14 денови во неговиот дом во Охрид ќе спроведе задолжителна самоизолација.
Пријавениот, со непридржување до одредбите во изјавата, ги прекршил мерките за самоизолација и постапил спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на коронавирус COVID – 19, предвидени во одлуката на Владата и писмената наредба донесена од страна на Министерството за здравство.
МВР, исто така, информираше и за поднесени кривични пријави за петмина битолчани и четворица прилепчани за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, предвидено и казниво по чл. 206 ст.1 од КЗ на РМ, СВР Битола поднесе кривични пријави против пет лица, и тоа: Р.Р., П.Р, Е.Р, Б.Р, С.Р, сите од Битола, додека Одделението за внатрешни работи Прилеп поднесе кривични пријави против четири лица, и тоа: Т.Т(38), С.Т(68),Т.А(55) и А.Б(44), сите од Прилеп.
Пријавените за време на пандемија дошле во државата од ризични држави, при што при влез во земјата од страна на Државен санитарен и здравствен инспекторат им биле издадени писмени Решенија за домашна изолација, кои тие не ги почитувале.