„Најголемото прашање што не очекува во наредниот период, особено во однос на европските перспективи, е очекуваниот референдум, којшто се надевам и верувам дека ќе го има. Исто така верувам дека ќе биде прашање коешто и понатаму ќе предизвикува несогласувања и конфронтации во општеството. Затоа нашата улога, и на МЦМС и на Цивил е да ја отвориме оваа дебата и отворено и аргументирано да се расправа за предностите и мааните на самиот договор“, изјави Александар Кржаловски од МЦМС, на вчерашната конференцијата „Македонски перспективи: Како до Европа?“
„Јасно е дека граѓаните на Република Македонија недвосмислено се за Европската Унија и НАТО. Најниската доверба во изминатиот период била 66%, а највисоката достигнала и до 92%. Тука нема дилема дека местото и патот на Македонија е кон Европската Унија. На нашата последна анкета на прашањето за името, пред да се случи Договорот укажуваше дека 48% од граѓаните не се за никаква промена, а само околу 14% за ова што сега се нуди како решение. Така што му посакувам на премиерот напорно и жешко лето за да ги убеди граѓаните во она што треба да биде одлука на референдумот, за да го отвориме патот кон европските перспективи
Многу прашања ќе има потоа, но мислам дека природно, ова прашање ќе засени се останато додека да се помине тој праг.“, рече Кржаловски.
Конференцијата е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски