Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога, кои се шират по социјалните медиуми. МВР категорично ги отфрла овие лаги, бидејќи пријава за таков настан не постои.
„Очигледна е целта на овие пласирани лажни вести – да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните, во случајов кај младите и нивните родители, да нанесат штета на институциите и недоверба кон нив“, велат од МВР.
Од МВР додаваат дека овие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов (12.03.2023, па сѐ до 15.03.2023).
Инаку хистеријата на социјалните мрежи трае веќе неколку дена. Професорка на Филозофскиот факултет, Вилолета Ачкоска, на Фејсбук имаше објавено, па избришано, дека наводно „гимназијалец бил отруен од дрога ставена во пијалок во кафич“ и додаде „дали некој знае за неколку слични случаи на деца, кои по халуцинација се фрлат од 5-ти спрат и слични самоубиства“.
Од МВР за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека момчето починало поради повреди настанати од пад од висина.
„На 12.03.2023, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј. Т. (18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина“, велат од МВР.
Од МВР изразија благодарност до медиумите кои не подлегнуваат на ваквите лажни вести и информациите ги проверуваат во надлежните институции.
Д. Муратов