На социјалните мрежи се шири фотографија која лажно се посочува дека е направена во Арачиново. Извесен Александар Максимовски објави фотографија во која се гледа дека бандерата за електрична енергија е искористена како столб за изградба на куќа, при што над фотографијата напишал коментар „Арачиново и се е можно…“.
Оваа дезинформација има речиси 100 споделувања (до објавување на текстот, 11 часот), десетици коментари и стотици лајкови.
Дел од тие што коментираат прашуваат дали е автентична или е монтажа, додека други пишуваат „ова не е ништо во споредба со Шутка“. Наведувајќи дека „не се само Албанците тие што крадат струја, туку и Ромите“.
Оваа фотографија е злоупотребена за ширеше партиска и националистичка пропаганда, а не за забава. Во периодов, најактуелна е ситуацијата со струјата во Арачиново, затоа партиските пропагандни машинерии ја искористија ситуацијата за добивање на дневно политички поени.
Лицето што ја прошири оваа лажна фотографија дека наводно е во Арачиново, всушност е член на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Јане Василев оваа лажна фотографија ја споделил на повеќе „патриотски“ Фејсбук групи што покажува дека не се работи за изолиран случај туку за оркестрирана партиска кампања.
Која е вистината?
Ако се провери фотографијата на Гугл ќе видиме дека таа „иновативна“ фотографија не е направена во Арачиново, туку е направена во некоја странска земја уште во 2020 година.
Ваквите дезинформации, колку и да изгледаат наивно, влијаат во креирањето на јавно мислење.
Мониторинг тим на ЦИВИЛ