ДЕХРАН МУРАТОВ
Изминатите неколку дена Арачиново повторно станува топ тема за националистите. Читам коментари на социјалните мрежи дека најдобра инвестиција ти е да купиш куќа во Арачиново и дека еднаш ќе платиш давачки и цел живот си раат, демек потоа не треба да плаќаш ни струја, ни вода, ниту други комуналии.
Дел од националистите не пропушија прилика да направат споредба со протестите против договорот со Бугарија и протестот на жителите на Арачиново за решавање на проблемот со електричната енергија, односно дека „Македонците не постигнаа ништо, иако протестираа неколку дена“, додека „Албанците протестираа само пола саат и веднаш добија струја.“
Жителите на Арачиново кои редовно си ги плаќаат сметките имаат право да имаат електрична енергија и вода. Не може покрај сувото да гори и сировото, односно за грст жители што не плаќаат струја да трпат сите останати жители од населбата. На тие што не плаќаат, ЕВН веднаш да им ја исклучи електричната енергија, но не може и на тие што си ги подмируваат сметките.
Случајот со Арачиново им дојде како „кец во десетка“ на националистите и на опозициските политички партии. Сѐ погласни се барањата на опозицијата за предвремени избори, а како главен адут зошто треба да има избори е токму енергетската криза, која инаку го зафати цел свет, а не само нашата држава.
Слушав како Влатко Ѓорчев (кој пред неколку месеци најави дека ќе се повлече и ќе работи во приватен сектор), одеднаш како специјален гостин на 20 август се појави во Тетово и набројуваше во кои населби, улици, победи ВМРО-ДПМНЕ и прогласи „апсолутна победа“ на вонредните локални избори за избор на советници на општина Тетово. Додека набројуваше „мали победи“ не пропушти прилика да истакне дека мора да има предвремени избори во кои ќе победи Христијан Мицкоски, кој е енергетичар, и дека само тој е спасителот од оваа енергетска криза.
Колку и да се „убави“ овие бајки што ги раскажува Ѓорчев, сепак, реалноста е сосема поинаква – ниту Мицкоски е месија, ниту има волшебно стапче со кое преку ноќ ќе ја реши енергетската криза.
Арачиново е хранилка за националистите и прилика за пропаганда на опозицијата. Пред да се актуелизира случајот со електричната енергија, партиските војници и националисти, Арачиново го поврзуваа во негативен контекст при одбележувањето на 21-годишнина од потпишување на Охридскиот рамковен договор, со што се стави крај на конфликтот во 2001 година.
ЕВН и националистичките пропагандни кујни умешно ја дефокусираа(т) јавноста и „вината“ за големите сметки што (ќе) ги добиваат граѓаните ја префрлија кај жителите на Арачиново. Деновиве никој не зборува дека (ќе) плаќа поголема сметка за струја од ЕВН поради светската енергетска криза, туку сите зборуваат дека (ќе) плаќаат големи сметки бидејќи „Албанците не плаќаат струја“.
Време е да се исклучи кабелот од струја со кој се полнат националистичките батерии!