„Она што се случуваше во Србија на изборите е многу очевидно. Тоа се однесува на начинот на кој се накалемувани на гласачки ливчиња по пат на гостувачки, така да ги наречам, државјани, но и на медиумите, кои се исто така интересни во контекст на тоа што постои силна монополизација на оние прајм тајм кои се во рацете на владејачката група во Србија“, вели аналитичарот и новинар Љубомир Костовски во „Ослободи го умот“, зборувајќи за за главните пропагандни наративи во контекст на изборите во Србија.
„Морам да речам дека меѓународната заедница за прв пат, иако користи уште дипломатски речник, сепак оди чекор понатаму и отворено говори дека се работи за огромни нерегуларности. Самиот факт дека ниту еден западен лидер не му честиташе победа на претседателот на државата, иако тој сега се вади дека нема што нему да му честитаат, затоа што не биле претседателски избори. Значи не се признаваат за регуларни избори. И тоа е многу релевантно. Му признаваат само Путин, Ердоган и Орбан“, вели Љубомир Костовски.
Костовски додаде дека предвидува подолгорочна криза во Србија, а тоа неповолно ќе се одрази и на регионот.
Во контекст на очекуваните пропагандни наративи во пресрет на изборите во Македонија, Костовски смета дека ние нема да имаме никаква институционална одбрана од пропагандните наративи, претежно руски, кои доаѓаат и преку српските медиуми.
Б. Јордановска
камера и фотографија: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети