„Засега непознати сторители испраќаат пораки до граѓани дека треба да се регистрираат на одредена платформа, која е лажна – ‘ујп.мк’. Ние ја информиравме јавноста да се внимава и пријавивме до надлежните институции“ изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска во „10 минути“ на ТВ21.
Таа додаде дека вакви пораки биле испраќани и денес и апелираше на внимателност од страна на граѓаните.
„Апелирам до граѓаните воопшто да не ја сметаат содржината за валидна и доколку добијат таква порака веднаш да пријават во нашиот инфоцентар“ рече Лукаревска.
Таа додаде дека ваквите пораки не значат проблеми со системот, туку дека некој сака во име на УЈП да прави злоупотреба на податоците на граѓаните.
Лукаревска го најави проектот „Е-фактура“ со кој УЈП ќе прави модернизација на процесот на факутрирање за компаниите и бизнисите и со кој ќе се бори против сивата економија со намалување на бројот на фиктивни фактури.
„Идната година започнуваме со имплементација на проектот за ‘е-фактура’. Со оваа фактура ќе се намали можноста за фиктивни фактури и ќе овозможиме дигитализација за компаниите при доставувањето, приемот и обработка бидејќи се ќе оди електронски“ рече Лукаревска.
Таа кажа дека во понеделник претставници од УЈП ќе одат во Србија, каде што од тамошната даночна управа ќе ги слушнат искуствата од нивното имплементирање на овој проект, бидејќи таму веќе носи резултати.
„Веќе сме влезени во фаза на имплементација и во моментов ги подготвуваме софтверските и хардверските решенија. Скамае да го направиме процесот да оди побрзо, за да може да се испрати тест верзија до сите чинители во бизнис заедницата, за да спречиме идни грешки“ изјави Лукаревска.