Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска и заменик-командантот на Главната команда на сојузничките сили на НАТО за Европа, генералот сер Џејмс Еверард ќе се обратат денеска на прес-конференцијата по повод отворањето на НАТО-работилницата за координација на воени партнерства, чиј домаќин оваа година е Република Македонија.
Како што соопшти Министерството за одбрана, неколкудневната работилница на која ќе учествуваат околу 200 претставници од земјите на НАТО и земјите-партнери ќе опфати повеќе теми – операциите предводени од НАТО и учеството на партнерите во овие операции, хармонизацијата на партнерските процеси, едукацијата, обуките и тренинзите. Дел од работилницата ќе биде и презентацијата на 15 образовни капацитети на НАТО и на партнерите, чиј дел е и единствениот НАТО-партнерски центар во Република Македонија, Регионалниот центар за односи со јавноста, како и НАТО-школата во Оберамергау.
Командата на сојузничките сили, лоцирана во Монс, Белгија е главната воена стратегиска команда на Алијансата директно потчинета под една од двете политички команди, Сојузничката команда за операции на НАТО. Главната воена команда на највисоко, стратешко ниво ги раководи сите воени активности на Алијансата.
Извор: МИА