пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Освен националистите и шовинистите од соседните балкански народи (секој за свој есап нели), меѓу оние што во моментот ги бришат „Македонија“ и „Македонците“ се уште само македонските националисти и шовинисти, оние де, што се „чисти“.
Погледнете, прочитајте што пишуваат со месеци, откако започна решавањето и се реши спорот со Грција. Постојано ја нарекуваат нивната земја со придавката „Северна“, бришејќи ја, од нејзиното сегашно уставно име, именката „Македонија“.
Постојано ги нарекуваат „северџани“, „северџгани“ и што ли уште не нивните сонародници, сестри и браќа по крв Македонци, бришејќи го името на својот и нивниот народ.
Kомпромисот, драги мои пријател(к)и, иако болен, ги чува негибнати националниот идентитет на Македонците, нивниот јазик и основата, суштината на државноста, именката „Македонија“ како најважен дел (поважен од придавката) од уставното име на државата. Наспроти оние кои што запнале да ги бришат. А тие се Македонци, замислете. Со навреди дури и погнасни кон своите сонародници од оние што ги употребуваат соседните националисти.
Оние што ја бришат Македонија и Македонците, само прават уште една злоупотреба на својата земја и својот народ, кои ги ништеа и ограбуваа безмилосно цела деценија. Зад патриотските кулиси и паравани од стиропор, гипс и крџа-бронза – украдоа стотици милиони, ги уништија институциите, образованието, здравството, економијата, животната средина… сѐ што можеше да се уништи.
А сега, зад параваните и кулисите на оваа „патриотска“ врескотница со „северна“ и „северџгани“ – всушност, сакаат да избегаат од одговорноста за нивните децениски злодела.
Одговорните и правдољубиви граѓани на оваа земја од сите народи поминаа низ сцили и харибди, низ многу болни компромиси за да дојдат до тука. Јас верувам дека нема да го дозволат тоа. Правда и одговорност мора да има за секого, без оглед на припадноста. За да одиме напред, за да го сочуваме тоа што го имаме, за да се исплатат сите жртви на нашата транзициска генерација, за да оставиме нешто зад нас и да им дадеме шанса на идните генерации.
#PoslushajtePatrioti
#MidnightExpress
фотографија: Александар Кондев
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.