Првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на свечена седница на Владата по повод годишнината од членството во НАТO, истакна дека четири години откако сме членка на Aлијансата, најдобро во пракса се демантира и скептицизмот и резервите и грчот од пред пет години, затоа што денес имаме можност да си честитаме и да одбележиме, и да сме горди на Северна Македонија членка на НАТО.
-Денес има околности кои ни укажуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме војна во Украина а ние сме на безбедната линија на границата во Европа. Имаме држави како Финска и Шведска кои со векови се воено неутрални, и кои ја сменија својата надворешна и безбедносна политика на неутралност, за да станат членки на НАТО каде што ние веќе бевме членка и сме членка и имаме ситуација во регионот каде што три од шест држави од Западен Балкан се членки на НАТО, а ние сме меѓу тие три, заедно со Албанија и со Црна Гора, рече Маричиќ.
Тој оцени дека ова денес може да се чини дека ни е дадено, но, потенцира, за тоа сме се избориле тешко, со големи политички жртви.
-Но тоа само не потсетува дека тешките одлуки се навистина вредни за граѓаните и за државата. И дека тешките одлуки што треба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ – да, нас политичарите сигурно ќе не чинат, меѓутоа, бидете сигурни, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ – дека граѓаните ќе ни бидат благодарни – и за тоа што ќе го направиме, и за тоа што сме го направиле, истакна Маричиќ на свечената седница во Владата.