– Ние имаме сигнал од ЕУ дека можеме да влеземе во Унијата до 2030 година и тоа е доволен сигнал ние и понатаму да притискаме на две линии- Европската Унија да се реформира паралелно со преговарачкиот процес што го имаме за членство во ЕУ. 2030 година е достижен датум тие два процеса да завршат во исто време и да биде подготвена и ЕУ за нови членки, а и ние да бидеме подготвени за да бидеме членка на Европската Унија. Тоа е достижна цел- рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за ВИС.
Граѓаните смета тој, сакаат во 2030 година ги видат своите лидери и своите претставници на бината на ЕУ каде што ќе се примаат нови членки на ЕУ.
-Трката кон Европската унија зависи од нас. И на Хрватска и велеа дека ништо не и даваат и дека мора да го чека целиот регион, но тие упорно се бореа и успеаа да издејствуваат да влезат во ЕУ во 2013 година- вели Маричиќ.
Подобра позиција за преговори нема да добиеме
-Немам дилема дека имало многу епизоди кои биле неправедни кон нас и на тоа не можеме да замижиме. Но исто така немам дилема дека не смееме да се однесуваме и да прифатиме никаква калимеро позиција затоа што немало правда или пак да сметаме дека чекајќи на некои подобри времиња ќе имаме подобра позиција. Јасно е дека нема да имаме подобра позиција -рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Тој додава дека случајот со Грција тоа ни го покажа и дека тоа што решивме во 2008 година да чекаме 10 години на подобра позиција не чинеше многу.
-Во 2008 година имавме многу подобра позиција за решавање на прашањето со Грција, отколку 10 години подоцна. Но за тие 10 година не престигнаа и Албанија и Хрватска во НАТО, а Хрватска во меѓувреме стана членка на ЕУ. Сакаме ли да не престигнат баш сите во регионот? Србија, Црна Гора и Албанија? Бидејќи никој нас нема да не чека- вели Маричиќ.
Или младите луѓе ќе продолжат да земаат пасоши од други држави за да работат и живеат во земји на ЕУ, смета тој, или треба да ја искористиме оваа можност и да се бориме за нас.
-Ние не се бориме за Франција, Бугарија или Грција. Ние се бориме за нас. За нашите млади да имаат шанса да бидат европски млади овде, дома во Северна Македонија, во европска Македонија и нашите млади да не мора да се искажуваат поинаку за да работат во странство- смета вицепремерот Маричиќ.