Изборите се вечна тема кај нас, особено во изборни години. Оваа година во очи на изборите да направиме нови препораки и се што може да го подобри изборниот процес на Република Северна Македонија, и да го направи подобар и поблизок до граѓаните, а со тоа да ги мотивираме граѓаните да учествуваат во изборите, изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ на конференцијата на ЦИВИЛ за изборните реформи.
-Како министерство за правда ќе негуваме институционален дијалог. Кај нас веќе има група која работи на измените на изборниот законик, и веќе направивме една, системот за верификација, со отпечатокот од прст. Едногласно во собранието и со поддршка од скоро сите пратеници беше изгласана измената за фингерпринт. За прв пат тоа ќе се случи кај нас, и е многу голема одговорност за ДИК. Многу одговорно се вклучија во спроведувањето на овој процес и се надевам дека така и ќе продолжи. Процесот на воведување на отпечатокот на прст не е евтин и затоа владата одвои средства. Се надеваме дека во најкраток можен рок ќе се набават апаратите и ќе се обучат луѓето, како исправно би се спровел изборите. Очекуваме голем ангажман на дик и на медиумите како и на сите институции.
Вториот дел од измените се препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Дојдовме до листа на предлог мерки кои би значело целосна имплементација на препораките на ОДИХР и ОБСЕ. За скоро време би можеле да го видиме тој закон во парламентот, да се дискутира и да се донесе. Ќе останеме на добрата практика, да изборниот законик се менува со консензус. Затоа сме отворени за дискусија со сите политички партии со цел таа дискусија да биде поедноставна. Локалните избори секогаш даваат повеќе можности од било кој друг изборен процес. Лицата со попреченост ќе можат да учествуваат во гласањето, што досега не беше така.
Останува прашањето за изборниот модел бидејќи се работи за политички прашања за кои треба повеќе време и дискусија за да се дојде до некое решение, додаде Маричиќ.
И. Крџиќ