„Извештајот на ЕК е објективен приказ на она што се случува во целата држава, не само во Владата и не само во Собранието. Имаме една општа оценка на добро ниво на подготвеност на државата за продолжување на преговорите. Имаме 80% од поглавјата каде што е утврден некаков напредок. Немаме ниту едно поглавје каде што се утврдува назадување што во другите држави не е случај и имаме околу 90% од поглавјата каде што се утврдува позитивно ниво на подготвеност, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во негово гостување на Вести на Канал 5 Телевизија.
Тој дополни дека овие податоци не значат дека нема недостатоци или слабости и посочи дека државата го одржува темпото на позитивни реформи, позитивно гледање на извештајот но значи дека исто така во извештајот се наведува дека државата треба уште многу да работи и дека во самиот извештај се нотирани работи коишто државата исто така ги нотирала како проблем.
„Јас би навел неколку области каде што имаме напредок, односно добар напредок, а тоа е областа Капацитет на државната статистика, во областа за слободно движење на капитал, важна област којашто е поврзана со планот за раст, во заедничка надворешна безбедносна политика, во поглавје 24 каде што е правда, слобода и безбедност, а има добра оценка на амбиентот за слобода на медиумите за работа на медиумите, за невладините организации, за критичко известување и за прифаќање на предлозите на граѓанските организации“, потенцираше Маричиќ.
Тој заклучи дека има и други области во кои бележиме напредок, но дека овие области се ударни.