Во Сирија бил избегнат судир меѓу меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од Вашингтон и руски платеници, изјави министерот за одбрана на САД, Џејмс Матис.
– Минатата недела руски елементи зазеле позиции источно од реката Еуфрат, која ја обележува зоната за деескалација договорена со Русија, во области каде било договорено дека можат да одат, но премногу се доближиле до позициите на американските војници, информира Матис .
Тој додаде дека по разговори меѓу шефот на Генералштабот на вооружените сили на САД генерал Џо Данфорд и неговиот руски колега генерал Валериј Герасимов „овие елементи се повлекле, а коалицијата исто така малку отстапила“.
– Овој пат изгледа работите се решија преку телефонска врска за деескалација меѓу САД и Русија и сега сме во стабилен тренд, заклучи Матис.
Тој не прецизира кога се случил инцидентот, но во четвртокот генералштабот на САД објави кусо соопштение за телефонски разговор меѓу двајцата генерали во кој биле разгледани „Сирија и други теми од заеднички интерес“.
Извор: МИА