„Во студеното утро на 24 февруари 2022 година, светот се разбуди со алармот кој објави: Украина е во војна… Руските вооружени сили започнаа воена агресија против украински цели. Тоа февруарско утро, светот се промени“, изјави вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на настанот по повод три години од отпорот на Украина против руската агресија, 24 февруари 2025 што се одржа во Јуроп Хаус Скопје / Делегација на ЕУ во Република Северна Македонија.
Новите глобални поделби излегоа на површина, слободниот свет, западните земји се построија во поддршка на Украина, додека големото прашање – дали сме на прагот на втората светска војна број 2, со длабока поделба на Западот и Русија, продолжува да биде актуелно и денес.
Ефектите од оваа војна, било да се тоа политички, економски, воени, енергетска криза или дури и проширување на НАТО, што се претвори во вонредна состојба за Европа и САД, светот силно ги чувствува и денес.
Северна Македонија се построи рамо до рамо со своите западни сојузници за да го брани правото на Украина да постои, да носи автономни одлуки за себе како суверена држава и да се спротивстави на руските напори да го попречи ова право со воен напад и анектирање на овој важен дел од украинската територија за да го припои кон Русија.
Денеска, на третата годишнина од почетокот на борбите во Украина, сведоци сме на нова иницијатива за враќање на мирот во Украина.
Ги поздравуваме овие напори за завршување на војната, бидејќи светот виде доволно страдања, украинскиот народ доживеа доволно болка, загуба на животи, имот и богатство…
Не можеме да знаеме како ќе завршат овие напори, и кога ќе завршат. Сепак, ги поздравуваме сеопфатните иницијативи за воспоставување мир во Европа и мир во светот, изјави Меџити во своето обраќање.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска/ ЦИВИЛ