Почитувани меѓународни организации,
На овој Меѓународен ден за толеранција, ви се обраќам со вистински визионерски предлог.
Ајде да воспоставиме Меѓународен ден на толеранција за тирани. Таков ден ќе ги одбележи напорите на владите и меѓународните организации во поттикнувањето на акција за прифаќање, толеранција и – конечно – целосна послушност кон тираните. Ова е кауза што вреди да се слави, особено бидејќи продемократските и прогресивните движења сѐ уште претставуваат егзистенцијална закана за стабилноста на тиранијата.
Оваа идеја, исто така, се совпаѓа со реалноста. На крајот на краиштата, најчесто веќе толерирате, овозможувате, или барем го игнорирате постоењето на тиранијата, воените злосторства и геноцидните војни. Зарем не би било почесно денешниот ден да го преименуваме за да го одрази сето тоа? Тоа дури може да ја зголеми вашата кредибилност – искреноста често остава впечаток кај донаторите. Замислете ги можностите за донации!
Дополнително, предлагам и нови денови за одбележување кои ќе го надополнат овој ден:
- Светски ден на лажговците
- Глобален ден на системска дискриминација
- Меѓународна недела на МБС (Моќни, Богати, Сурови)
Секој од овие може да се прошири во Меѓународни месеци, па дури и Декади, со што ќе се осигури широка вклученост и признание.
Но зошто да застанеме тука? Ајде да го реформираме раководството на ОН и неговите безбројни тела за поголема ефикасност. Предлагам ротирачко претседателство меѓу Русија, Северна Кореја, Кина и уште неколку високо квалификувани режими. Демократскиот принцип овде е јасен: да се отвори вратата за сите што демонстрираат мајсторство во уметноста на угнетувањето и државничките вештини на силниците.
Останатите меѓународни организации несомнено ќе го следат примерот. Повеќето веќе се на половина пат.
И не грижете се за протести или отпор. Со оглед на тоа што летаргијата и лагите владеат, отпорот сè повеќе излегува од мода.
Ваш во стратешка усогласеност,
Џабир Дерала