На вчерашната прес-конференција, случајно или намерно, Антонио Милошоски ги призна сите изборни манипулации кои ВМРО-ДПМНЕ ги спроведуваше изминатите 11 години!
„На Република Македонија и понатаму ѝ се случуваат едни избори во кои што се загрозени основните демократски процеси и со кои што директно се врши влијание врз изборната волја на гласачите“, изјави Милошовски, како добар познавач на контиуитетот на сите изборни нерегуларности во Македонија.
Милошоски истакна дека ова се избори каде што сè уште, со сеење омраза и со закани, се атакува на ограничувањето на основното право на граѓанинот – правото на слободен избор. И заклучи дека не е страшно што ова се случува речиси во сите општини каде што ќе има втор круг на гласање, туку дека е поопасно што нема заштита од државните институции. Според него, многу државни институции се дел од овој процес на вршење притисок врз граѓаните. Познато нели?
По примерот на својот лидер, Милошоски ги оцрни локалните избори и предупреди на голем број можни нерегуларности во вториот круг. Закани, уцени, притисоци, следење на членови и активисти на партијата, според Милошоски, се само дел од нив.
„Додека сето ова се случува, за жал, имаме и еден гласен молк и игнорирање од набљудувачките мисии ОБСЕ и ОДИХР. Ние сметаме дека ОБСЕ и ОДИХР мора поактивно да вложат напори и да бидат вистински набљудувачи и да ги осудат сите вакви појави на закани, изборна корупција и на изборен инженеринг“, изјави Милошоски.
Останува дилемата: како сè досега, на сите изминати изборни процеси, Милошоски и неговата партија немаа никаков слух за сите пријави и извештаи како на меѓународните, така и на домашните набљудувачи, и не чувстуваа потреба да повикаат на одговорност? Ни телефонските шушкања на Јануловска за „човечињата“ кои гласаат и за личните карти, или за жителите на „Максим Ѓорѓија“, воопшто не ги загрижуваа, сè додека не ги загубија изборите…
Се разбира, резултатите секогаш беа во нивна корист. Сега, одеднаш, откако ВМРО-ДПМНЕ доживеа пораз од досега невидени размери, во партијата имаат чувство за изборни нерегуларности?
„За сите вакви изборни документирани насилства, закани, притисоци или уцени, одговорност ќе мора да има“, заклучува Милошоски.
Секако! Но, ајде да почнеме со ред.
Преземете одговорност за сите изборни циклуси во изминатите 11 години.
Маја Ивановска