ДИЈАНА ТАХИРИ
Дека сме „мешан“ народ, но поделен не само идеолошки, верски, идентитетски или како било, туку и физички, со јасно зацртана и видлива линија, најдобро се забележува на празници, а посебно на верските, кога државата одредила неработен ден за верниците од која било припадност.
Утрово додека доаѓав на работа, поминав низ три скопски општини, Бутел, Чаир и крајна дестинација Центар. Десет километри ме делат од дома до работното место, десет километри мир, тишина, минимален сообраќај. Во поголемиот дел од Бутел денеска православните жители имаат празник, Велики Петок, пред Велигден. Веќе од дел од Бутел и речиси цел Чаир, жителите муслимани се во третата недела од Рамазанските пости и вообичаено за овој месец во оваа општина, утрата се мирни, верниците спијат или одмараат убав дел од денот, (освен тие што постот не ги спречува да работат), додека православните граѓани имаат празник, што значи времето го посветуваат или на верски обреди или сега по „модерно“ веќе се на некоја убава светска туристичка дестинација. И во Центар слично.
Вака беше утрово, пред 9 часот. Во еден дел од Скопје се пости, во другиот дел е празник. А државата одмара.