Добро е кога Западен Балкан е во фокусот на Европската Унија, бидејќи тоа претставува охрабрување за граѓаните и јасен сигнал за интересот на ЕУ за заедничката европска иднина на регионот, изјави премиерот Христијан Мицкоски од Брисел.
Тој посочи дека Западен Балкан географски припаѓа на Европа и дека е логично регионот заедно да се интегрира во рамките на Европската Унија.
„Нашата држава го заслужи членството во Европската Унија многу одамна. Европскиот пат го започнавме пред повеќе од 25 години, но поради, би рекол, вештачки причини, сè уште не сме дел од европското семејство“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на исполнување на сите обврски во процесот на евроинтеграција, не поради самиот процес, туку пред сè поради граѓаните.
„Како држава и како Влада сме целосно посветени да го испорачаме сето она што е потребно, затоа што македонските граѓани го заслужуваат тоа. Така работевме досега, така ќе продолжиме и во иднина“, рече Мицкоски.
Во однос на билатералните прашања, премиерот изрази очекување тие да не претставуваат пречка во евроинтегративниот процес.
„Очекуваме поддршка од нашите соседи за нашата амбиција да бидеме дел од Европската Унија и, што е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањата, а не според билатералните прашања“, истакна Мицкоски.












