Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека би гласала за обединување со соседната членка на Европската Унија и НАТО, Романија, доколку се одржи референдум. Таа го смета обединувањето како начин за заштита на кревката демократија на Молдавија од рускиот притисок, објави Ројтерс.
Санду, чија проевропска партија доби нов мандат минатиот септември, повторно ја обвини Русија за мешање во внатрешните работи на Молдавија, поранешна советска република со околу 2,4 милиони жители, каде мнозинството зборува романски, а малцинство руски.
„Доколку имаме референдум, јас би гласала за обединување со Романија,“ изјави Санду за британскиот подкаст The Rest is Politics, емитуван во неделата.
„Погледнете што се случува во светот. Сè потешко е за мала земја како Молдавија да опстои како демократија, како суверена држава, и секако да се спротивстави на Русија.“
Околу 1,5 милиони молдавски граѓани имаат романско државјанство, но неодамнешни анкети покажуваат дека само околу една третина ја поддржува идејата за повторно обединување со Букурешт, пишува Ројтерс.
Санду рече дека ги признава ставовите на мнозинството молдавски граѓани кои не ја поддржуваат нејзината позиција, додавајќи дека интеграцијата во ЕУ е „по остварливо“.
Нејзината влада има за цел членство во Европската Унија до 2030 година, но ќе мора да спроведе тешки реформи во услови на отпор од Русија. Про-руската Социјалистичка партија беше на власт во Молдавија дури до 2020 година.
Молдавија, која се граничи и со Украина, била дел од Романија во меѓувоен период, но била анектирана од Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна. Земјата стекна независност во 1991 година, со распадот на Советскиот Сојуз.
Д. Т.












