Панел-дискусијата на тема „Меѓу чеканот и наковалната: Медиумите и новинарството во изборниот процес“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа денеска во хотелот „Парк Резиденс“. На дискусијата учествуваа еминентни новинари од медиумите на македонски и албански јазик.
Панелистите Гордана Дувњак (Утрински весник), Љубиша Николовски (ТВ Нова), Биљана Спасеска Георгиевска (ТВ 21), Бранко Геровски (Слободен печат, Плусинфо), Назим Рашиди (ТВ Алсат – М), разговараа за тоа како медиумите ги „покриваа“ предвремените парламентарни избори и за нивните лични искуства за притисоците на кои биле изложени за време на известувањето за кампањата, изборниот ден и постизборието. Отворено беше и прашањето колку воопшто новинарите и уредниците имаат простор за понудување решенија за враќање на достоинството на професијата.
Присутните новинари, секој од нив, со по безмалку тридецениско професионално искуство, се осврнаа и на проблеимте со балансираното известување, на тешката социјалната положба на новинарите, како и за „скокот“ од површност, слаба едуцираност и сензационалност на дел од новинарската фела, во хајка и медиумски линч на власта кон продемократските новинари.
Модератор беше уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ.
Покрај новинарите-панелисти кои говореа за предизвиците на медиумите во текот на изборниот процес во Република Македонија, на дискусијата прсуствуваа претставници на граѓанското општество, на политичките партии, како и заинтересирани граѓанки и граѓани, кои преку прашања и свои ставови придонесоа кон тоа да се резвие плодна дискусија.
Панел дискусијата „Меѓу чеканот и наковалната“ е дел од проектот за изборен мониторинг „Напред!“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.