ЦИВИЛ разговараше со неколку градоначалници од различни региони во државата за тоа колку се придонесува од сите општествени чинители во промоција на европските вредности и мултикултурализмот?
Еден од одговорите што ги добивме е дека во поголемиот дел од општините недостасува формирање на таканареченото „Европско катче (куќа)“ како што има во општина Струмица, каде младите (ќе) имаат простор да ги чуваат и негуваат европските вредности, преку разни форми на дружење, инфо-услуги, ЕУ-дискусии, реализација на проекти, промоции на ЕУ-настани, изложби, филмски, музички и мултимедијални настани, работилници и слично.
Исто така беше нагласено дека мора партискиот живот, односно партиските програми да се спроведуваат само во партиски штабови, а не надвор од штабовите или од партиските центри, бидејќи партиите се тие кои ги делат граѓан(к)ите поради „Х“ интереси.
Една од препораките е дека најголем дел од европските вредности се прифатени во нашата земја уште од донесување на Уставот, но секогаш треба да се работи на нивна операционализација и нивно оживотворување, за граѓаните да ги почувствуваат бенефитите од демократско и недискриминирачко општество во секој поглед.
Исто така една од препораките е дека во рамките на Општините (треба) да постои Сектор за евроинтеграции и локален економски развој и тимовите и капацитети секојдневно да се надополнуваат со квалитетни кадри за да може да се следат европските трендови и Локалната самоупрва да се подготвува за предизвиците што престојат, особено во делот на имплементацијата на Договорот што треба да следи со Европската унија.
ЦИВИЛ разговараше со градоначалниците и за тоа колку на локално ниво се спроведува Стратегијата „едно општество за сите“, особено во делот наменет за Локалната самоуправа
Дел од одговорите што ги добивме е дека Стратегијата „Едно општество за сите“ се спроведува уште од независноста на државата. Многу работи во поранешниот систем беа добро замислени, тогаш под слоганот „Братство-единство“, денеска низ „Едно општество за сите“. Ние сме мултиетничко општество и тоа мултиетничко општество треба да го градиме и суштински, не само на хартија. За жал, тука се рецидивите од минатото каде што имаме комплетна поделеност на младите во делот на посетување на училишта. За да изградиме мултиетничко општество еднакво за сите, тогаш треба да ги споиме младите луѓе да бидат заедно, наместо да се поделени. Тоа е еден долгорочен процес кој бара многу време, но и дополнителни средства кои што Општините ги немаат на располагање.
На пример да се изградат мултиетнички градинки каде што ќе одат деца од сите етнички, верски, социјални заедници и би израснале нови генерации на деца што дополнително потоа низ воспитно образовниот процес ќе го дополнуваат своето другарство и ќе создаваат цврсти врски.
Друга констатација е дека општините не треба да ги делат граѓаните по ниеден основ, туку да бидат „мајка за сите“, а не „за едни мајка, за други маќеа“. Општините да одвојат средства и да прават проекти и за тие луѓе што живеат во руралните места, бидејќи заслужуваат да имаат чиста и здрава вода за пиење и да имаат асфалтен пат по кој слободно ќе може да стигнат до своето место на живеење. Да имаат улично осветлување, јавен превоз…
За жал, во Локалната самоуправа се уште има поделеност во функционирањето, во однос на позиција – опозиција. Почитувањето на стратегијата „Едно општество за сите“, почнува од општините, бидејќи вработените треба да бидат пример за граѓаните кога ќе видат дека во општините нема поделба на партиска, религиска или етничка припадност, тогаш во самото општество почнува фузијата на граѓаните.
За тоа каква е соработката меѓу локалната власт, граѓанските здруженија, медиумите и граѓанките и граѓаните за активно учество и заемно вклучување во носење на одлуки на локално ниво, градоначалниците се едногласни дека соработката е беспрекорна.
Меѓутоа, во сите Општини согласно Законот за млади треба да се отворат Младински центри. Законот за младинско учество им налага на општините во рок од пет години од донесувањето на законот, односно од 15 јануари 2020, да отворат младински центри. Општините имаат законска обврска час поскоро да вработат барем по еден/а млад/а кој/а ќе работи со младите и ќе ги обучува, подучува, менторира и советува.
Општините иако немаат законска обврска, сепак на демократски начин преку правење на јавни настани или како што се нарекуваат „форуми на заедниците“, преку јавни расправи и дебати треба да ги слушнат размислувањата на сите засегнати страни, без оглед дали се работи за граѓанките и граѓаните кои живеат во урбаните и месните заедници, или за тие кои се организирани преку граѓански организации, здруженија… Граѓанките и граѓаните треба да учествуваат и во контролата на практикувањето на власта од страна на градоначалникот и советниците кога зборуваме за локално ниво. Граѓан(к)ите како даночни обврзници имаат право секогаш и во секое време да знаат каде, колку, како и за што се трошат нивните пари. Локалната самоуправа треба да ги исполнува сите „музички желби“ на граѓан(к)ите.
Еден од примерите за добро и ефективно функционирање е тоа што во една општината се вработи човек од граѓанска организација, неутрален човек, за да биде врската помеѓу локалната самоуправа и граѓанското општество.
Во секоја општина на посебен начин (не)работи локалната Комисија за односи меѓу заедниците
Комисија за односи меѓу заедниците има советодавна улога, не е платена, не е професионална. Членовите на Комисијата што доаѓаат од сите етнички заедници работат волонтерски. Секогаш се инволвирани во однос на секое прашање што се однесува или задира во прашањата, особено на помалите етнички заедници. Еден недостаток во делот на функционирање на оваа Комисија е што истата не е буџетски покриена во делот на нејзиното работење и можеби треба во иднина да се размислува функцијата на оваа Комисија да се професионализира или со закон да биде покриена во делот на некои минимум финансиски средства што се потребни за нејзино функционирање.
Но, во една општина е поинаку, членовите на Комисијата сепак добиваат одредени средства за нивната работа.
Според Законот за локална самоуправа задолжителна обврска на општините да формираат Комисија за односи меѓу заедниците е само ако има од 20 проценти припадници на немнозинските етнички заедници кои живеат во таа општина. Во општините што немнозинските заедници се под 20 проценти немаат обврска да формираат Комисија за односи меѓу заедниците.
Но, градоначалниците велат дека иако формално правно немаат таква Комисија сепак мултиетничноста, соработката, соживотот е на највисоко ниво.
Но, дали процентуалната застапеност треба да е предуслов за добивање на правата на одредени етнички заедници?
Сајбер напади или хибридни закани и оркестрирани напади на социјалните мрежи
Она што загрижува е дека и по четири/пет години се уште не е расчистен случајот кога еден градоначалник во текот на изборната кампања беше изложен на жестоки напади со говор на омраза и закани од вработени во општинската администрација кои беа лоцирани и им беа одземени лаптопите и мобилните телефони. Министерството за внатрешни работи ден-денес сè уште не направило вештачење на запленетите апарати. Во меѓувреме тој службеник сè уште е вработен во општинската администрација.
Политичките партии во недостиг на идеи се обидуваат со девалвирање на тоа што се работи, со недолични изрази, на омаловажување, со говор на омраза, навреди, закани и уцени тоа да го прават оркестрирано на социјалните мрежи. Честопати објавите на социјалните мрежи на општински соопштенија, известувања и сл. се изложени на инструментиран напад.
Дел од општините немаа целосна дигитализација, па поради тоа и не се подложни на хибридни закани или сајбер напади. Но затоа, имаат оркестрирани вербални напади, заради долгите години живеење во една монархија, каде што човековите права, слободата на говорот и демократските капацитети беа ограничени.
Еден градоначалник истакнал дека во два наврати имале рушење на општинската вебстраница која се користи за информирање на јавноста, особено во делот на јавните набавки. Хибридните закани се глобален проблем каде многу чести се злоупотребите на ИТ технологијата и социјалните мрежи.
Државните институции и локалните самоуправи треба да ги следат светските трендови и да имаат соодветна софтверска опрема за заштита на ваквите напади и да имаат контрола над ваквите состојби. Брзо да реагираат и да ги демантираат лажните вести и дезинформации. Говорот на омраза и заканите да ги пријават во соодветните институции, а институциите да имаат брза и ефективна реакција.
Дехран Муратов
Таравари: Децентрализацијата не се спроведува, (18 јуни 2021)
Димитриевски: Живееме во длабоко поделено политичко општество, ако сакаме мултиетничко општество треба да ги споиме младите да живеат заедно, (12 јуни 2021)
Коцевски: Различноста е богатство и предност, а не хендикеп и проблем, (24 јуни 2021)
Мерко: Струга е мултиетничка „мала Европа“ каде нема разлики и поделби, (05 јули 2021)
Николов: Почитувањето на стратегијата „Едно општество за сите“ треба да почне од локалната самоуправа, (12 јули 2021)