ЦИВИЛ разговараше со градоначалникот на општина Гостивар, д-р Арбен Таравари, на интервју во рамките на проектот „Европски перспективи: Следно ниво“, за родиот (дис)баланс во вклученоста на локално ниво, за тоа дали е почната предизборната кампања на градоначалниците, за европските вредности на локално ниво, како и децентрализацијата и односите помеѓу државните и локалните власти.
ЦИВИЛ МЕДИА: Жени градоначалници има исклучително малку, во моментов се пет. На што се должи овој голем родов дисбаланс? Дали и на кој начин вие како градоначалници се обидувате да ја исправите оваа родова неправда во вашите кабинети и на некој друг начин?
Таравари: Пред се, ви благодарам на поканата, навистина ми е жал што немаме и други градоначалници за да разговараме заедно, и да полемизираме околу одредени проблеми. Градоначалник на општина Гостивар сум јас, меѓутоа родовата застапеност , жени се повеќе од 50 отсто, не можам да кажам точно, но повеќе од половина вработени во администрацијата на општината се жени. И колку што знам, нашата општина е меѓу ретките во земјава со ваква родова застапеност. Што се однесува на раководни работни места, шефови на повеќе сектори во општината, повторно се сигурно повеќе од половина. Урбанизам води жена, образование води жена, труд и социјала исто…Тие главни сектори се водени од жени. И училиштата, што е нетипично за повеќето општини, а посебно албански, ако имаме 16 училишта, од тие, во 11 се директорки жени, бидејќи од нашето скромно искуство во овие три, три пол години, дефинитивно жените подобро раководат, посебно со училиштата, повеќе обрнуваат внимание на децата и дефинитивно, баравме фидбек и од учениците и од родителите, добиваме многу подобар фидбек за жените раководителки во училишта, отколку мажите, и затоа го задржавме овој терк на раководење.
На прашање дали општина Гостивар е спремна за градоначалничка, Таравари вели дека секоја жена што има доволно амбиции и желба, треба да се кандидира, но и дека за сега нема сознанија за жени кои би биле потенцијални кандидати.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали за градоначалниците е завршен мандатот? Дали можеби градоначалниците веќе влегуваат во изборна кампања, односно целосно се пасивизираат, доколку откриле дека немаат шанси за втор мандат?
Таравари: Јас можам да зборувам само за Гостивар, ние сме во кампања веќе три и пол години. Секој ден, секоја недела, секој месец и секоја година за Гостивар беше кампања. Секој ден работевме како да имаме утре избори. И според анкетите, не случајно резултатите ни се солидни. Така што за нас не е почната сега кампањата. Граѓаните на Гостивар знаат дека нашата екипа генерално секоја недела е на терен. Петок е ден кога ги поминуваме месните заедници, села, населби, разговараме со граѓаните, ги прашуваме за проблемите и што може да се направи. Вторник отворен ден во Општина Гостивар. Вторник е пазарен ден во Гостивар и затоа го одредивме и цела екипа, во текот на целиот ден се со граѓаните коишто сакаат директно да комуницираат со некого од раководните сектори. Така што, кај нас не се чувствува дека сме пред избори.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали можете да кажете дека вашата општина е европска? Ова го прашувам во контекст на тоа на кој начин може да се види дека европските вредности, мултикултурализмот, еднаквоста и недискриминацијата се дел од вашите политики и практики на локално ниво?
Таравари: Општина Гостивар е специфична општина, во неа живеат Турци, Македонци, Албанци, Роми, структурата е слична како на Северна Република Македонија. Функционирањето на мултиетничноста во Гостивар може да послужи како пример за сите други општини, јас не се сеќавам во овие три и пол години да разговараме во кабинетот или во нашата администрација за некаков проблем и при тоа да направиме разлика дали се работи за населба во која живеат Турци или Македонци итн. Вака се функционирало и порано, не сакам да кажам дека тоа е така заради нас. Што се однесува до европските вредности на градот, во нешто сме далеку од Европа, а тоа е депонијата Русино, која е рак –рана на Полошкиот регион, а посебно на општина Гостивар, бидејќи Русино е на еден километар од зградата на општината, и тоа влијае за нечистиот воздух во Гостивар. Овие три четири години работевме интензивно на кампања за свесноста на луѓето дека треба да се грижат повеќе за животната средина, да користат што повеќе велосипеди, инвертери, и тоа го субвенциониравме, иако Владата помогна во сите други општини но во нашата тоа никогаш не се случи. Но ние со сопствени средства го направивме тоа. Поставивме велосипедски патеки коишто имаат континуитет, и не се слични на тие во Тетово какви што ги видовме по социјалните мрежи. За три и пол години успеавме да поставиме околу седумдесет и три – четири километри канализациска мрежа, што во споредба со пет-шест други општини, ви гарантирам дека вкупно немаат толку. Како и водовод околу 43 километри. И тоа се проекти на Општината и невладините организации, и преку помош од амбасадите во РСМ. Лидер во таа помош е Швајцарската амбасада, на која што би сакал јавно да се заблагодарам. И во училиштата, во однос на условите внатре, направивме огромна работа.
ЦИВИЛ Медиа: Процесот на децентрализација во РСМ започна некаде во 2004 година, но се уште не е завршен. На кој начин државата му помага, односно му одмага или го блокира развојот на вашата општина и што може или треба да се направи во поглед на понатамошна децентрализација соодветно на европските стандарди?
Таравари: Децентрализацијата во Македонија започна во 2004, и заврши во 2006 година, и после тоа јас не знам дали е нешто екстра децентрализирано. Во 2017 година, кога добивме нов премиер, којшто е поранешен градоначалник, кога се избрав за градоначалник имав огромни очекувања од него како поранешен градоначалник кој знае како е да функционираш три мандати како опозициски градоначалник, и дека ќе направи одредени чекори како што е давање на власта бидејќи тој го доживеал тоа врз своја кожа. Во 2018 година имаше една средба на ЗЕЛС со премиерот, каде што беше кажано што ќе биде направено во однос на децентрализацијата власта, односно, давање повеќе ингеренции на локалната власт. Меѓутоа, по три години од тој настан, јас можам да констатирам дека освен убави зборови од премиерот, друго не е направено. Дури, тој како бивш опозициски градоначалник, а сегашен премиер, кон опозициските градоначалници се однесува, а јас сум опозициски градоначалник на единствена урбана општина под опозициско водство, Кавадарци сметам дека е поблиску до СДСМ отколку до ВМРО –ДПМНЕ, иако г. Митко Јанчев ми е многу добар пријател, меѓутоа подобар е со Заев, отколку со Мицкоски. Така што единствена општина што функционира како опозициска сме ние, и најодговорно тврдам дека сигурно Заев немал проблеми со Груевски, колку што сум имал јас со Заев. Тоа го тврдам најодговорно, никогаш не се случило во Струмица два пати да бидат одземени ингеренции на градоначалникот, за именување директори. Во Гостивар ни се случи два пати. Во Гостивар најмалку сто пати е помината финансиска полиција. Најмалку пет-шест пати дневно ни поминуваат различни инспекции. Ако се земе предвид колку Гостивар од буџетот на СРМ менаџира, имаме околу 18 милиони евра, од кои околу 15 милиони евра се блок дотации, доаѓаат и општината ги дели тие пари на наставниците, на вработените во култура, за греење на училиштата… Со еден збор, општината не ги менаџира. За четири години, можеби по три милиони евра се за капитални инвестиции. И од буџетот од 4 милијарди евра, колку е во државата, Гостивар менаџира со 18 милиони евра годишно. Повторно, тоа не е ниту еден промил од вкупниот буџет.
Минатата недела се случи во ист ден да имаме пет инспекции. Три од финансиска полиција, една трудова, и една од образование. Во општината имаше дваесет отсто дојдени, гости. Од сто дваесет вработени, беа 24 луѓе кои прегледуваа, контролираа, вртеа листови, копираа… Како да бараа дрога, оружје. Да работеа вака одговорно и со други општини, би било во ред. Но, кога во една општина одите сто пати, а во друга не одите воопшто, а Македонија е мала држава, со милион и пол, како некој град од Европа, како провинција од некој град, и сите се знаеме.
Од толкава инспекција, организиран криминал и полиција, се добива впечаток дека Гостивар е Колумбија.
Интервјуто го водеше Дијана Тахири
Камера: Атанас Петровски
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Игор Чадиноски