Познатите теми од „Битлси“ и „Квин“ првпат во Македонија ќе прозвучат од лимени дувачки инструменти на концерт на Скопскиот брас-квинтет на 7 февруари во камерната сала на Македонската филхармонија.
Членовите на квинтетот: Александар Илијевски и Вилијам Бараковски (труби), Благоја Василевски (хорна), Никола Ристевски (тромбон) и Александар Ниниќ (туба) ќе ги изведат популарните: „Bohemian Rhapsody“, „Imagine“, „Hey Jude“, „I Want Hold Your Hand“, „Yesterday“, „She Loves You“, „Somebody to Love“, „Help“…
– Скопскиот брас-квинтет е формиран во 2016 година. Има широк репертоар и различни стилови и жанрови. Досегашните настапи на овој состав не биле од концертен карактер, овој концерт отвора ново поглавје во нивната кариера. Не случајно изборот се композиции од „Битлси“ и „Квин“, за да се слушне и една поинаква страна на лимените дувачки инструменти, надвор од класичниот музички репертоар, соопшти Македонската филхармонија.
Членовите на Скопскиот брас-квинтет се редовни членови во Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, како и надворешни соработници во Градскиот дувачки оркестар, Биг-бендот на МРТВ и Биг-бендот на Здружението на џез-музичари на Македонија.
Извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.