Лицето кое лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го посочува дека се обидело да го убие е приведено во полициска станица, изјавија од МВР.
„Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е.Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани.
Е.Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР.
Мицкоски на Фејсбук вечерва објави фотографија на која се гледаат неколку лица, посочувајќи дека едниот од нив требало да го убие.
„Ова е човекот кој требаше да ме убие вечерва. Барам итно да биде приведен од Спасовски и МВР“, наведе Мицкоски во објавата.
Мицкоски вечерва учествуваше на протесниот марш што со одржува под мотото „Ултиматум – Не благодарам“, кој започна пред Владата, од каде демонстрантите се упатија кон Министерството за надворешни работи, а потоа продолжија пред Собранието.
На раскрсницата пред плоштадот „Скендербег“ на влезот во Старата скопска чаршија дојде до ескалација меѓу демонстрантите и група луѓе, но полицијата интервенираше и ги раздели групите, спречувајќи евентуален поголем инцидент.