Министерството за здравство преку соопштение целосно ги демантира и смета дека се невистинити објавените написи во врска со тоа дека Комисијата за заразни болести не препорачала отворање на границите.
На состанокот на 22 јуни Комисијата за заразни болести донесе одлука за препорака за отворање на границите и таа одлука заедно со другите одлуки и препораки за отворање на економски субјекти се доставени до Владата на Република Северна Македонија, информираат од Министерството за здравство.
„Отворањето на границите не е никаква политичка одлука донесена во ккорелација со изборите, туку се темели исклучиво на епидемиолошките анализи и мислењето од Комисијата за заразни болести“, изјави денеска премиерот Оливер Спасовски.
На прес-конференцијата во Владата, Спасовски порача дека мора да се научиме да живееме со вирусот, а тоа значи да се почитуваат препораките за носење на лична заштитна опрема, држење на дистанца и честа дезинфекција.
– Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се, се темелат на тоа каква епидемиолошка слика имаме кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки на ЕУ, а од 1 јули се најавува и кон трети земји каде ќе бидат и државите од целиот наш регион така што ние мора да се научиме дека треба да живееме со вирусот, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.
Според него, крупните рестриктивни мерки го дале својот максимум, а она што сега останува е преку личната одговорност да се придонесе колку е можно повеќе да се држи вирусот под контрола.
Тоа што на денот на изборите не е предвиден изборен молк, според Спасовски, не е превид или намерно направено, туку како што рече, ДИК ќе ги определи сите чекори што се однесуваат на изборниот процес.












