„Гумените куршуми се оружје кое демократските влади во светот одамна ги напуштиле, а Обединетите Нации во повеќе наврати ја суспендираат нивната употреба. Започнат е и процес за меѓународна забрана на гумените куршуми“, стои во соопштението на ЦИВИЛ од 5 март 2015 година кога Собранието со 59 гласа „за“ ги изгласа промените на Законот за полиција, со кои, меѓу другото, беше донесена одлука за дозвола на полицијата за употреба на гумени куршуми.
ЦИВИЛ најостро ја осуди тогашната постапка на донесување законски измени со кои се овозможува употреба на гумени куршуми и друго лесно оружје против демонстрантите. Имајќи предвид дека овие законски мерки се донесоа во време кога на улиците демонстрираа илјадници граѓанки и граѓани против кршењето на човековите права, суспензијата на владеењето на правото и демократијата, овие измени беа сфатени како директна закана од власта против граѓанките и граѓаните кои сакаат да го искористат своето уставно право на протест.
Две години подоцна Министерството за внатрешни работи подготвува измени на Законот за полиција со кои гумените куршуми ќе се исфрлат од употреба, односно, полицијата нема да може да ги користи гумените куршуми и електричните парализатори како средства за разбивање толпа и насилни протести, јавува МЕТА.
Со новите измени, што се подготвуваат, член 91 од Законот за полиција, во кои е уредена употребата на овие средства, е поделен во два става. Во првиот се наведува дека „во случај кога се воспоставува нарушен јавен ред и мир во поголем обем, може да се употребат средствата за присилба и тоа: физичка сила, полициска палка, средства за врзување лица (лисици), уред за присилно запирање возила и службено куче“.
Во ставот 2 се додава дека „покрај средствата за присилба од ставот 1, може да се употребат и специјални возила за јавен ред и мир, пиротехничко-експлозивни средства и хемиски средства“.
Гумените крушуми и електричниот парализатор не се дел од средствата за присилба, односно се исклучуваат од употреба.
Со новите измени се пополнува и дупката во актулениот Закон, околу тоа кој може да издаде наредба за употреба на средствата за присилба.
„Од страна на експертите беше забележано дискреционо право на полициските службеници при примената на овие средства за присилба и недостиг од одредби со кои се уредува рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на наведените средства за присилба“, стои во образложението на предлог-законските измени.
Според нив, физичка сила, полициска палка, лисици, уред за присилно запирање возила и службено куче, ќе можат да се употребат „само по наредба на полицискиот службеник кој ја раководи акцијата“, додека за употреба на специјалните возила, притотехничките и хемиските средства, наредба може да даде исклучиво „директорот на Бирото за јавна безбедност или од него овластено лице“.