Скопје, 5 мај 2015. Овој ден го означи долгиот пад на режимот на Груевски и созревање на граѓанството во Македонија. Се чини, како асфалтот и воздухот да се споија и зовреа. Нозете сами одеа кон Владата. Протест! Вистината за тоа како власта се обидува да ја прикрие полициската бруталност и убиството на младиот Нешковски, ги исцрпи сите, и најглупавите и најкукавичките, причини за молк.
Таа ноќ, полицијата ја бранеше својата бруталност – со бруталност! Никогаш не би помислил дека имаме толку многу полиција и толку многу оружје и опрема. И дека може да удира толку безмилосно по своите сограѓанки и сограѓани. Да апси луѓе по улици далеку од местото на протестот, да нападне библиотека каде студенти подготвуваат испити. Полицијата покажа бруталност многупати потоа, сè до мигот кога фашо-мафијашите го нападнаа парламентот, тепаа пратеници и новинари, а речиси го убија пратеникот Зиадин Села. На тој Црн Четврток, полицијата изгледаше како да тренирала во средно балетско училиште.
– цитат од колумната „Кога кукавиците се будат…“ од Џабир Дерала, објавена во ЦИВИЛ МЕДИА на 5 мај 2017 година.