АЛЕКСАНДАР СРБИНОВСКИ
Македонија го пречекува Светскиот ден на слободата на медиумите во сенка на состојби на блага стагнација во развојот на новинарската професија и медиумите.
Се добива впечаток дека властите во земјата подолг период се обидуваат да помогнат, но очигледно стагнираат во нивните определби да ги подобрат состојбите во кои функционираат медиумите кои, пак, истовремено пред неколку години беа нотирани во извештајот на Прибe. Во овој документ беа адресирани многу трансформации, кои за жал не се случија, а државните чинители и на минатата и на оваа владејачка гарнитура не придонесоа кај медиумите да се создаде клима во која ќе се забележи суштински ангажман во овие процеси.
Во периодот што следува, на нашето општество и на медиумите им се потребни коренити и суштински промени со кои законските усогласувања на Македонија и состојбите во медиумите во земјата ќе бидат слични и еднакви со оние во Европската Унија.
Главни приоритети за наредниот период што следува за Македонија би требало да биде усогласување на медиумските закони со европските правила, подобрување и поттикнување на економската средина во која функционираат медиумите, зголемувањето на новинарските права, но и условите за работа, како и иницирање многу промени од доменот на економската и социјалната сфера.
Натаму, потребно е ефикасно справување со информацискиот неред во Македонија и хаосот во интернет-сферата и многубројните манипулации и дезинформации, кои прават забуна кај граѓаните, особено од аспект на правилно информирање.
Дополнително, треба многу да се работи на промовирање на работата на синдикалната организација на фелата во Македонија која неодамна издаде „Бела книга за глобалната состојба на новинарството“. Токму со зајакнувањето на соработката меѓу државата и од друга страна синдикалните организации и професионалните медиуми, ќе се подобри состојбата со дезинформациите и со заканата од системските малициозни фабрики за лаги, кои се претставуваат како новинарство и на тој начин ни ја девалвираат професијата.
Затоа инсистирањето на квалитетно и етично новинарство е приоритет. Независно од платформата од која тоа се пласираат вестите и информациите.
Токму затоа, во овие моменти кога пополека излегуваме од пандемијата но влегуваме во едни нови енергетски и економски кризи, за нас во Македонија во моментов ни се потребни иновативни, нови начини на работа и преобмислување на новинарството.
На овој јубилеј на седмата сила сакам да им оддадеме почит и на медиумските професионалци, кои се посветени на принципите на слободата на говорот и во некои случаи во светот тие ја жртвувале нивната безбедност па дури и живот.
Такви примери за жал видовме во руско-украинската војна каде претставниците на медиумите беа мета на напади на завојуваните страни. На овој јубилеј апелирам да му помогнеме сите заедно на професионалното новинарството, бидејќи само професионалните медиуми во државата можат да возвратат позитивно на нашето демократско општество преку својата активност и да креираат демократска клима на вредности која ќе биде отпорна на манипулации и дезинформации од светските центри на моќ кои не и мислат добро на нашата земја и народ.