Зафатена со тешки економски санкции и сè поизолирана од западните добавувачи, Русија работи на одржување на своите фабрики и бизниси во функција и да го спречи враќањето на недостигот од советската ера. Економскиот данок, иако е тешко да се измери, се почувствува нашироко, од најголемите компании до малите продавници и работници, пишува Њу Јорк Тајмс.
Додека централната банка ги намали каматните стапки, нејзината претседателка, Елвира Набиулина, предупреди дека следните месеци ќе бидат „тешки и за компаниите и за граѓаните“, бидејќи последиците се продлабочија за руската економија, повеќе од три месеци по инвазијата на Украина. Недостатоците најверојатно ќе се влошат бидејќи санкциите дополнително ќе ја претворат Русија во економска параја.
Основните артикли, вклучувајќи тука и хартија и копчиња, се во недостиг. Цените на стоките за широка потрошувачка се зголемуваат, при што стапката на инфлација се искачи на 17,8 отсто минатиот месец, пред благо да се спушти. Продажбата во енергетскиот сектор се предвидува да падне бидејќи европските клиенти почнаа да се оддалечуваат од руската нафта. А авиокомпаниите, отсечени од западните производители, бараат резервни делови.
„Ова што се случува сега го нарекувам ужасен експеримент“, рече Иван Федјаков, кој раководи со Инфолин, компанија за истражување на пазарот во Русија. „Никогаш во модерната историја не се случило толку голема и длабоко интегрирана земја да биде толку брзо и нагло оградена од глобалната економија“.
Рускиот производител на автомобили „Автотор“ објави лотарија за бесплатни парцели од 10 хектари – и можност да купат семенски материјал за компир – за неговите вработени да можат сами да одгледуваат храна среде „тешката економска ситуација“. Компанијата го објави доделувањето откако западните санкции го оневозможија производството во нејзината фабрика за склопување во Калининград.
Подготви: Д.Мишев