За разлика од сите досегашни референдуми за отворање на рудници низ земјата, каде ЦИВИЛ беше единствената невладина организација која ги набљудуваше овие процеси, на денешниот референдум во Босилово, како набљудувач се јави и невладината организација Центар за европска младина (ЦЕМ) од Радовиш.
За оваа невладина организација има многу малку информации во јавноста. Организацијата нема ниту веб страница, а последна содржина на фејсбук групата со името на оваа организација е видео со префикс ххх. По пребарувањето на интернет, единствената информација која се наоѓа е дека се членка на коалцијата „Излези да гласаш“, која ги набљудуваше изборите во 2014 година, а ја предводи контроверзната организација Синергија од Штип.
На сите 19 избирачки места во Општина Босилово, кои денеска ги посетија мобилините мониторинг тимови на ЦИВИЛ беа забележани по двајца набљудувачи од оваа организација.
„Види, 1.000 денари дневница, кој ти дава?“, ни рече еден од набљудувачите, но не знаеше да ни каже со што се занимава организацијата која го ангажирала како набљудувач.
На друго избирачко место, кога ги прашавме двајцата набљудувачи од која организација се, мораа да ги земат своите овластувања за да ни прочитаат.
ЦИВИЛ Медиа, стапи во контакт со претседателот на организацијата, Александар Кулушиќ, кој вели дека ова е прв пат организацијата да набљудува изборен процес.
„Организацијата постои 6-7 години, јас сум 6 години претседател, а до сега имаме организирано неколку хуманитарни настани околу божиќните празници, за социјално ранливи семејства“, изјави Кулушиќ за ЦИВИЛ Медиа.
Според Кулушиќ, ЦЕМ на терен има вкупно 40 набљудувачи.
Остана нејасно прашањето зошто токму оваа организација од Радовиш се јавува како набљудувач на референдум во општина Босилово.
Маја Ивановска