Нови 137 случаи на Ковид-19 беа регистрирани вчера, оздравеа 131 лице, а починаа десет, информираше Министерство за здравство.
По градови: Скопје-64, Куманово-7, Штип-19, Прилеп-1, Тетово-7, Струга-14, Велес-1, Битола-2, Охрид-5, Гостивар-6, Радовиш-2, Крушево-1, Демир Хисар-1, Свети Николе-3, Кичево -4.
Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 131 оздравен пациент од: Скопје-41, Штип-10, Тетово-11, Струга-25, Велес-3, Охрид-36, Гостивар-5.
Починати се 10 лица, пет пациенти од Скопје, двајца од Куманово, по еден пациент од Тетово, Гостивар и Радовиш.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент на 66 години.
Во ГОБ „8 септември“ починати се пет лица на возраст 79,76, 82,61 и 72 години.
Во Институтот за белодробни заболувања Козле почина 81 годишен пациент. Во ОБ Куманово е починат пациент на возраст од 80 години. Во ОБ Гостивар е починат пациент на возраст од 63 години, во Филип Втори е починат пациент на 67 години.
Министерот за здравство Венко Филипче ја оцени епидемиолошката состојба како генерално стабилна и дека има се помалку пациенти во болничките одделенија, па нема потреба од рестрикции.
– Засега нема најава за нови дополнителни рестрикции, апсолутно нема никаква индикација, или пак, кој било параметар да укажува дека ситуацијата се влошува – и во однос на број на новодијагностицирани пациенти, и во однос на број на пациенти кои треба да се хоспитализираат. Тој број е константен подолг временски период. Некаде околу 10 проценти од вкупниот број активни дијагностицирани пациенти се сместени во болниците и така останува овој тренд, што значи дека добро се менаџира. Така што, генерално мислам дека ситуацијата е стабилна, епидемиолошката состојба ја имаме целосно на увид, имајќи го во предвид масовното тестирање коешто го правиме и така ќе продолжиме и понатаму, изјави Филипче за Канал 5 телевизија.
Тој истакна дека не се планирани рестрикции во работата на економските оператори, ниту пак рестрикција во движењето во било кои делови на државата, нагласувајќи дека постојат протоколи и тие треба да се почитуваат, а доколку не се почитуваат треба да се санкционираат прекршителите.
– Во однос на прекршувањето на протоколите – има протоколи за работа буквално за сите економски оператори и веќе постапија надлежните инспекторати, како што се Државниот пазарен инспекторат и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а каде имаше потреба и Инспекторатот за труд, и со тоа се преземени соодветни мерки. Не може да се воведуваат рестрикции заради нечие непочитување на веќе постојните мерки и протоколи. Така што нема никаква индикација дека мерките ќе се заоструваат. Повторно апелирам да се почитуваат мерките. Сите економски оператори ги имаат добиено протоколите и нема проблем никаде каде тие се почитуваат, додаде Филипче.