Политиката не треба да се тргне од образованието, дури е потребно политиката да води сметка за образованието, изјави меѓу другото проф. д-р. Мирјана Најчевска на панелот на ЦИВИЛ „Деполитизација на образованието“.
„Потребен е соодветен начин на третман на образованието од страна на политиката. Кога станува збор за партизацијата, тоа е веќе сосема друг проблем. Некој може да го партизира образованието само доколку не го разбира образованието, само доколку не го разбира значењето на образованието. Партизацијата значи кога некој е на власт, којшто ги држи узгините, некој којшто е во процесите на одлучување и слично, дефинитивно нема поим што значи образованието за заедницата, за развојот на една заедница, и воопшто за развојот на една држава. Ако тргнеме од еден многу елементарен пример, пример кој повеќе пати го повторуваме, меѓутоа стана некоја видна мантра без вистина да го сфаќаме значењето на она што го кажуваме. Тоа е примерот на Финска и нејзиното образование.“, вели Најчевска.
Во однос на најсоодветен модел на воспоставено образование во светски рамки, Најчевска ГО посочи пример финското образование.
„Во 1960 година, некој во политиката во Финска, на ниво на политичко одлучување, на ниво на политичко решавање и слично, дошол до заклучок дека развојот на финското школство може да биде соодветен само доколку се посвети соодветно внимание на образованието, и доколку се направат такви суштински, коренити промени во образованието, коишто ќе доведат до таков развој. Од 1960 година до денеска, Финска цело време нешто додава, нешто менува, обликува, меѓутоа, основниот концепт е ставен тогаш. Тоа кажува дека ни е потребна политичка волја, политичко решение, меѓутоа, долгорочно, нешто што ќе произлезе од самата заедница, нешто кое ќе го прифатат сите политички фактори, и зад кое што ќе стојат година по година, по декада, за да може да се направи вистинската промена.
Она што Финците го направиле е, прво, решиле што и како ќе се случува со образованието на наставниците, потоа решиле што и како ќе се случува со именувањето на менаџерскиот кадар којшто ќе работи во рамките на училиштата. Потоа дошло и се она што е поврзано со програмите, со курикулумите, со содржините, со учениците. Меѓутоа, првата промена, основната промена започнала од менаџерскиот кадар на училиштата, и од се она што претставува образование на наставниците, на учителите, на сите едукатори во основното и средното образование.“, посочува Најчевска.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети