Владата нема намера да ги затвори храмовите за време на велигденските празници, повикувајќи се на неприкосновеното право за религиско определување, но истовремено има намера да ги затвори граѓаните во своите домови воведувајќи полициски час кој ќе трае 85 часа, откако оние со право на вероисповед ќе ги посетат храмовите примајќи ја светата причест од една иста лажичка.
Владиката Тимотеј смета дека секој што ќе посака да се причести, свештениците не можат да му забранат, лажичката ќе биде иста за сите, без разлика што така може да се шири вирусот КОВИД-19. Иконите ќе ги дезинфицира оти традиција е и тие да се бакнуваат особено за време на верските празници како Велигден. И после сето ова истиот тој народ ќе биде затворен во своите домови се до вторник во 5 часот наутро кога повторно ќе имаат можност да се причестат, прекршувајќи еден куп други човекови права.
Ваквата одлука не само што е апсурдна и нелогична туку е и правно неиздржана и дискриминаторска.
Член 8 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група
Со закон може да се ограничи слободата на изразување на религијата или убедувањето доколку тоа е неопходно во интерес на јавната сигурност, поредокот, здравјето, моралот или заштита на правата и слободите на другите.
Овој член всушност произлегува од Европската конвенција за човековите права
Член 9 од Европската конвенција за човековите права
Слободата за изразување на својата вера или на своите убедувања може да биде предмет само на оние ограничувања што се предвидени со закон и кои претставуваат мерки во интерес на јавната безбедност, поредокот, здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на други, неопходни во едно демократско општество.
ЦИВИЛ како организација за човекови права е на ставот дека правилата односно мерките за заштита од корона вирусот мора да важат за сите подеднакво и во секое време.
Крајно несериозно е после толку време од почетокот на кризата и почитувањето на сите досегашни мерки, кои патем, и тоа како се дискутабилни кога станува збор за почитувањата на човековите права и слободи, да се прави исклучок под притисок на верските заедници во земјата. Ова не се однесува единствено на МПЦ, туку и на неодамнешниот испад на првиот човек на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, кој барајќи помош од државата јавно се закани дека ќе ги повика верниците да не ги почитуваат мерките на Владата.
Во секуларна држава, за каква се декларираме дека сме, правото на живот е понеприкосновено од правото на вероисповед, исто е и со обезбедувањето на здравјето на граѓаните, пред обезбедувањето на практикување верски обреди.
Не смее да се заборави дека со своето однесување никој не смее да биде причина за нарушување на востановените безбедносни регулативи и постоечките здравствени норми. Чуму седењето дома доколку државата дозволува селективно „прекршување“ на овие уредби?
Во овој момент МПЦ наместо да советува треба јасно да им посочи на верниците дека не смеат да се групираат во дворовите на црквите вон полицискиот час, во спротивно секој свештеник кој ќе одржи обред во време на полициски час, но и надвор од него, кој ќе дава причест со една лажичка, ќе дозволи бакнување на икони треба да биде кривично гонет врз основа на член 205 од Кривичниот законик.
М. Ивановска