пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Прв дел | Втор дел | Трет дел | Четврти дел | Петти дел
ФБ страници кои оркестрирано шират дезинформации и омраза. Како дејствуваат и какви пораки и содржини промовираат?
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ во изминатиов период, и за време на предизборниот период, кампањата и пост-изборниот период го следеше и архивираше говор на омраза, а воедно продолжи и со создавање содржини преку кои се разобличуваат лажни вести и дезинформации, дел од информациите ги објавува на својата медиумска платформа.
При набљудувањето на социјалните мрежи, она што го забележа тимот на ЦИВИЛ во овој период е дека одредени страници на Фејсбук засилено промовираа политички пораки: „Бојкот“ и „Никогаш Северна Само Македонија“. Освен тоа, истите во своите објави шират навреди, нетрпеливост, закани и говор на омраза, а со своите објави ги поттикнуваат луѓето кои ги следат да коментираат со говор на омраза и да ги дистрибуираат тие содржини понатаму, низ социјалните мрежи.
Идентификувани во таа група, меѓу други, се и страниците: „Секула Војвода Фан Клуб“, „Види Види“, „Слобода или Смрт“, и веќе непостоечката „Налет да се сторите“. По исчезнувањето на оваа страница во само еден ден (10 јули 2020) се појавија три нови страници – „Баба Лажи Трап Не Лажи“, „Македонија на Македонците“ и „Цицки.мк“. Новите страници се со истиот тон на „Налет да се сторите“, односно како страницата да се триплирала. Интересен податок за веќе избришаната страницата „Налет да се сторите“ е дека админи беа 2 лица од Македонија, но и 2 лица од Сирија! Во оваа група влегува и Фејсбук страницата „Кукузел“ која за неколку дена започнале да ја следат речиси 3.000 лица. Оваа ФБ страница шири ноторни лаги и говор на омраза веќе подолго време.
Своевремено, ЦИВИЛ постави прашање до МВР и ОЈО за тоа дали се води истрага за оваа веб страница. Официјален одговор сѐ уште нема. Една иста содржина може да се забележи дека се дистрибуира речиси истовремено кај сите наведени Фејсбук страници. Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа и дека одредени ФБ страници се малку поумешни па „не оставаат трага“ за споделување, односно го копираат изворниот линк и го објавуваат како „свое“.[1]
На Фејсбук страницата на Јован Кукузел на 1 јули е постирана фотографија, со опис „Она кога живееш за лајкови“. Освен тешките обвиненија што го носи овој пост со себе, за пратениците чии имиња се наоѓаат на фотографијата, има детали во сликата кои нѝ го привлекоа вниманието. Скриншотот дава впечаток дека е направен од апликацијата Инстаграм. Интерфејсот изгледа чудно, односно воопшто не наликува на официјалната апликација на Инстаграм.
Една од причините зошто тимот на ЦИВИЛ почека со објавувањето на оваа вест е за да утврдиме дали нашите двоумења се основани. Затоа, за овој случај се консултиравме со нашиот ИТ тим, како и со други инфлуенсери на Инстаграм, кои се повеќе запознаени со ова. Разговаравме со петнаесет различни познавачи на апликацијата и речиси од сите добивме различни објаснувања, но со ист заклучок. Никој нема сретнато апликација која што изгледа вака, така што голема е веројатноста дека станува збор за монтажа. Од нашиот тим добивме одговор дека можноста сликата да биде едитирана оди до 90%.
На 11 јули, една од ваквите онлајн алатки за дистрибуција на црна пропаганда на Фејсбук, страницата „Цицки.мк“, објави видеомонтажа со Џабир Дерала претседателот на ЦИВИЛ, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на Беса, Биљал Касами, лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села и активистот Петрит Сарачини, во која има музичка позадина „пет пари не давам“..Оваа пропаганда продолжи и за време на изборниот молк, што претставува уште едно кршење на законот и добрите изборни практики. Админите на страницата, пред изборниот молк, (на 12 јули) повикаа на бојкот на изборите, објавувајќи статус на активистот Петрит Сарачини, кон кого користат говор на омраза нарекувајќи го „балист“.
На 12 јули, (ден пред изборниот молк) страницата „Цицки.мк“, објави статус посветен на дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, која во изминатиот период е мета на говор на омраза и сексистички напади на социјалните мрежи. Админите на страницата за Милевска пишуваат: „Овие во логорите во нацистичка Германија ги викале “Kaрo” еврејските стражари кои биле пожестоки и од Германците… пази она изигрува стражар и пријавува кога некој не користи Северна, па не може помизерно…“ Авторот на оваа објава на Цицки.мк веројатно мисли на називот „капо“…
Истиот ден, админите објавија статус: „Македонија си пати од Северџаните кои не ја почитуваат волјата на Македонците“, нагласувајќи дека Референдумот за промена на името е неуспешен. Потоа објавија фотомонтажа од статусот на Радмила Шекеринска дека нејзиниот противкандидат Игор Дурловски по трет пат не дојде да се соочат на дебата.
Админите не пропуштија да продолжат со ширењето крајна омраза кон Ромите со серијата содржини за „теовел аменге“ исмевањата со премиерот Оливер Спасовски и ромскиот јазик, но и со лидерот на СДСМ, Заев.
По завршување на изборите, на страницата беше објавена фотографија од Јоханес Хан и Џорџ Сорос, со статус дека тие ја креираат политичката ситуација во државата. На страницата е објавена и лажна вест со стара снимка дека група Албанци протестира(а)т пред ДИК поради падот на системот.
Админот на оваа страница го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицксоски дека е виновен за неуспехот на партијата и дека треба „маженца да го тргнат од лидерското место, кои ги нема во партијата“. „Мицкоски успеа за една година тоа што ниту еден лидер на ВМРО не успеа. Успеа да го направи Стево претседател и успеа да им овозможи на СДС да победат на избориве. Ферски е СДС биста да му изградат. Ова уште од Валандово се знаеше, и сега памтете, Мицко нема да се трга од ВМРО ич мува нема да го лази, зошто сега мора да одработи да не дојде патриот на чело на таа партија“. Админите коментираат и дека ги боли тоа што гласаа за Мицкоски кој ги изневери и предаде. Во текот на кампањата, оваа страница објави 12 видеа, од кои 5 видеа се исечоци од Васко Ефтов.[2]
[1] Фејсбук мрежа за ширење на говор на омраза и лаги , Цивилмедиа,објавено на 23.07.2020
[2] Фејсбук страницата „цицки.мк“ го злоупотребува логото на ЦИВИЛ и шири говор на омразата и дезинформации Цивилмедиа, 22јули 2020
(продолжува)
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Во постизборниот период, ЦИВИЛ објави серија извештаи и анализи за спроведувањето на изборниот процес. Во претстојниот период, Организацијата го финализира објавувањето на извештаите и анализите од мониторингот, по што ќе бидат подготвени и објавени препораки за идните чекори што треба да се преземат на повеќе правно-политички, институционални и општествени нивоа. Овие денови, ЦИВИЛ објавува делови од опсежната анализа под наслов „Наместо со фокус на понудата за граѓаните – медиумите со рефлексија на кампањите доминирани од црна пропаганда, дезинформации, клевети, навреди и омраза“ која ја подготви медиумскиот експерт Петрит Сарачини, инаку активист и член на Собранието на ЦИВИЛ. Анализата е подготвена на педесетина страници, со конкретни примери и анализи за ефектите од кампањата, методите на пласирање на пораките, мрежите за оркестрирано ширење партиска пропаганда, дезинформации и омраза и низа други аспекти. На крајот од анализата се поместени заклучоци и препораки кои ќе бидат дел од пакетот препораки кои ЦИВИЛ ќе ги претстави пред јавноста и на институциите кон средината на септември.