ЗОРАН ИВАНОВ
Деновиве со избориве сите напишаа по нешто па и јас конечно нешто лично како импресија од кампањата, од пораките посебно на претседателските кандидати, а бидејќи се 7 еве ќе ги поделам на пола, на 3.5 и, во оваа една реченица, ќе кажам дека едната половина турка, другата половина кочи, згора, политика нели, лажат сите по малку, но ајде, природно, избори се, а тие се политичари, им доликува ама само до некаде но некои претераа и затоа суштината на овие неколку реда е во фактот што едните по малку лажат околу брзиот подобар живот со ЕУ но другите премногу лажат дека, демек, ќе сме можеле сами и тоа онака гордо и тоа онака достоинствено и, премолчно, и натаму со најнизок стандард, не со најнизок во Европа туку со најнизок овде, со минималец на Балканот и, згора, ај што сакаат да нè симнат од европскиот колосек, туку нејасно е, виси прашањето или, сепак, ним им е сосема јасно зошто наместо со францускиот да нè туркаат на мултилатералната и космополитска европска, тие упорно нè туркаат назад на билатералната негаторска бугарска маса од која таман се извлековме со францускиот и, да заклучам, наместо конечно да стапнеме на европскиот перон, тие сакаат да нè истовараат на бугарскиот или, наместо со својата политичка енергија да нè упатат на Запад, тие запнале да нè враќаат на Исток, но избори идат па …